Над 250 културни работници, режисери, драматурзи, актери, склуптори, фотографи и други чинители во културата се потпишаа на иницијативата „Фис-култура или култура“, која со јавен допис до министерката за култура Ирена Стефоска велат дека се поставуваат некомпетентни кадри на раководни позиции на културните институции во државата.
„Со ова иницијатива сакаме да дигнеме глас и да покажеме дека културата е еден од битните општествени фактори кои влијаат на квалитетот на живеење и оформување на човечкото битие. И најважно е конечно да се стави крај на партократското владеење со културата, со јавните добра, меѓу кои и културните институции, и да се даде предност со нив да раководат оние, кои се образувале, знаат и умеат!“, се вели во дописот на иницијативата.
„Фис-култура или култура“ произлегува од незадоволството од конечниот избор за раководител со културната установа НУЦК „Антон Панов“ – Струмица.
Имено, револтот дојде од актерите од струмичкиот театар, кои веќе нагласија дека не се согласуваат за прв човек на установата да биде наставник по физичка култура и досегашен директор на ЈОУГ Детска Радост Струмица, Васил Бубев, за кој рекоа дека, за разлика од другите двајца кандидати, не ги исполнува критериумите.
Министерството за култура, пак, тврдеше дека избраниот кандидат ги исполнува општите и посебните услови од огласот, а Комисијата одлучувала по три пријави, но двајца од нив ја немале доставено потребната документација за огласот.
Иницијативата сега доби на голема поддршка од повеќе културни работници, па преку јавниот допис прашуваат „До кога некомпетентни кадри ќе се ставаат на раководни позиции на културни институции?“ и „До кога ќе се вадиме на формално – правно издржани конкурси, каде квази читања на критериумите ја регулираат културата?“.
„До кога истите критериуми се читаат на еден начин за едни, а на сосема друг за други? До кога ќе треба да повторуваме дека културата не е бројка, или мерливи формално-правно издржани резултати и партиска играрна, туку место на градење на квалитет и компетенција? До кога вака, ние културните работници ќе бидеме понижувани, обесправени и дискриминирани? До кога ќе има партизација во културата? До кога релевантното образование од областа на културата и уметноста нема да се вреднува, и нема да биде важно во одлуките на кого да се додели можноста да раководи со некоја институција во културата. Примерите се бројни! “, се вели во дописот.
Меѓу другото, во дописот се вели дека културата припаѓа на културните работници.
„Зошто постојат сите образовни институции во светот, низ државата, во регионот, кои ја изучуваат уметноста, културата, културните политики, менаџирањето со културата и уметноста итн.? Ако сметате дека тие не се потребни, тогаш ќе дозволите нашите институции да ги раководат неадекватни кадри. Ако сметате дека се потребни, тогаш ќе ја прекинете засекогаш партизацијата во културата и ќе престанете да се криете позади таканаречените формално-правни критериуми за кои немате квалитативно покритие“, стои во дописот.
Нашата цел, велат здружените културни работници, е да укажат дека на оние кои знаат, на оние кои имаат искуство и образование, треба да им се даде шанса.
Сметаат дека конечно треба да ставите крај на, како што велат, диктирани партиски решенија за поставување директори на културни институции и министерката да каже НЕ на сите партиски притисоци.
„Почитувана Министерке, не може и не смее еден човек со завршено физичко образование, со ниту еден ден стаж во областа на културата, со ниту едно присуство на културен настан, тотален анонимус во културата, да поседува стручни и други квалитети за развој на установата како што сте напишале во вашето Решение. Додека кандидат со мастер студии на УНЕСКО катедрата за културен менаџмент и културни политики стекнати на Универзитетот на Уметностите во Белград, да го третирате како неадекватен. Како е можно кандидат со светски призната диплома за културен менаџмент и десетгодишно искуство во областа на културата со напишани и имплементирани над 30 проекти од различни европски и светски фондации, да биде одбиен со едно штуро објаснување дека немал комплетна докуменетација т.е. дека му недостасувал доказ за меѓународно признат сертификат за активно познавање на англиски јазик, а има завршено магистерски студии на англиски и француски јазик?“, прашуваат од иницијативата.
А, за да биде уште полошо, велат тие, за третиот кандидат е напишано дека не поседува доказ дека е познат во јавноста како јавен, општествен и културен работник. Исто така, дека нема доказ за минимум пет години работен стаж од областа на културата или пет години работно искуство на работа или проекти во областа на културата, врз основа на склучени договори за дело, иако, нагласуват од иницијативата, кандидатот е вработен во државна институција, под надлежност на министерството со кое раководи Стефоска, со реализирани стотина улоги во театарски проекти, во истата.
„Сте поставиле безброј директори без тој меѓународен сертификат за познавање на странски јазик со дадена шанса во рок од шест месеци да ви го достават истиот. Сакаме да знаеме што било одлучувачко во овој случај и зошто не сте ја зеле во предвид целосната стручност на другите двајца кандидати? Или, зошто токму сега критериумите за едните важат, за други не?! Министерке за култура, ве повикуваме да го поништите конкурсот, изборете се за квалитативни критериуми и дајте им шанса на тие што можат, знаат и треба да раководат со културата. Вратете ги институциите на културните работници“, стои во дописот.