Пандемијата има значително влијание врз сите сфери на живеење, а меѓу нив се и културата и уметноста. Меѓутоа, тие како средства за израз на криците на општеството се исто така и области кои треба да бидат меѓу првите кои ќе се исправат и ќе се обидуваат да се одржат во живот, особено во ситуација која е опасна за менталното здравје на поширокото население. Околу тоа како културата кај нас „ја преживува короната на респиратор“ поразговаравме со Маја Андоновска – Илијевски, директорка на Центарот за култура – Битола и актерка во Битолскиот народен театар.
Пандемијата ги затвори вратите и на Центрите за култура и на театрите ширум државата, но како битолската културна сцена остана отворена за пречек на публика?
Пандемијата ги затвори вратите на културните институции ширум светот, па автоматски не нѐ поштеди ни нас. Центарот за култура Битола беше прва институција во државата, која после добиените протоколи реализираше фестивал, и со тоа го скрши мразот за настани на отворено изминатото лето. Ние успеавме да реализираме 2 фестивали и околу 10 изложби до крајот на 2020 година. Секако дека „новата реалност“ налага поинакви протоколи и за учесниците и за публиката во еден проект, но од друга страна, мора да се наоѓаат начини на функционирање, за да не ја замолкнеме културата сосема.Исто така морам да споменам дека летото реализиравме проект насловен како Кино на отворено, а веќе од месец септември 3Д Киното во Битола, си продолжи со редовната работа, се разбира со новите протоколи.
Каква е и колкава е улогата која секој уметник ja добива како културен работник во една ваква кризна состојба?
Како уметник ќе ти одговорам дека ова е дефинитивно најтешката година на која јас се сеќавам, а професионално сум во култура веќе 14 години. Уметникот има константна потреба да создава, да се инспирира, да креира, да работи, а со самото затворање на сцените, голем број од нас уметниците, останавме без своите храмови. Но уметниците не кренаа раце, и се обидоа виртуелно да бидат присутни, дел од нив реализираа и свои продукти со публика со почитување на протоколи и на различни начини се обидоа да бидат активни, за себе и за својата публика. Можеби онлајн театар, не може да ја замени магијата на гледање на театарска претстава во живо, но потребата од уметност е многу посилна од нејзиниот молк и затоа ги поздравувам сите обиди, да го одржиме пламенот запален.
Какви траги ќе остави зад себе пандемијата во културната сфера?
Веќе сме сведоци на последиците, а тоа е страв, намален број на публика, нереализирани уметници и проекти, финансиски загуби… Но кај мене е надежта голема дека од целото нешто ќе излеземе побогати со еден емотивен багаж, кој ќе биде инспирација и тригер на идни претстави, концерти, уметнички дела. Можеби и некој нов правец во уметноста, не знам – ќе видиме.
Ана Марија Наумовска
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески