Воздух, почви, шуми, подземни води, реки… Природните ресурси во Македонија низ годините се загадуваат преку 16 „жешки еколошки точки“, чија листа беше дефинирана уште во 2005 година. Сепак, по повеќе од деценија и половина, изоставуваат трајни зафати, буџет и законски решенија за да тргне опасноста од локации како ОХИС, велешката Топилница, Југохром или од Лојане.
„За загадувањето државата годишно обично издвојува по 1, 2, или неколку милиони евра, што е само капка во морето. А, нас ни се потребни можеби милијарда! Зафати за жешките точки се правени преку странски проекти, се изработуваа физибилити студии, дел од концесионерите на локациите ги извршуваат своите обврски, но, мора и државата повеќе да вложува и да ги санира контаминираните предели“, вели во разговор со Радио МОФ реномираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје.
Токму Стафилов со тимот во 2005 ја направи првичната листа со жешките точки. Инвентарот дојде по декади индустријализација, засилено експоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии.
Депониите со линдан во кругот на фабриката ОХИС се на врвот на овој список. Тоа е наследство од депонирање пестициди, опасни неразградливи органски полутанти. Кога ќе појдете таму, уште е присутен непријатен мирис. Прашината од двете депонии се шири низ Пинтија, Кисела Вода и цело Скопје.
Во поголемата има натрупано околу 30.000, додека во помалата 10.000 тони земја со линдан. Загадени се подземните води и почвата, но локалитетот е контаминиран и со хлор, жива и со други загадувачи.
Иако низ годините беа направени разни испитувања, дома и во странство, уште не е почнато официјалното чистење. Беше одобрен проектот на ГЕФ за деконтаминација во период од 5 години, а лани преку меѓународен тендер на УНИДО избрана и грчката фирма „Полиеко“, која отпадот од малата депонија треба да го третира надвор од државата. Тек после тоа може да се очекува и чистење на големата депонија.
„Компанијата Полиеко веќе го достави Планот за ремедијација кој е разгледан од меѓународна консултанска компанија ангажирана од УНИДО и од службите на Министерството за животна средина (МЖСПП) за кој се доставени коментари и забелешки. Во меѓувреме, компанијата го ревидираше Планот за ремедијација согласно забелешките и пред една недела повторно го достави на одобрување. До крајот на оваа недела се очекува финална верзија на Планот за која МЖСПП треба да издаде согласност. По добивањето на согласност, компанијата Полиеко веднаш може да започне со подготвителните активности на терен потребни за безбедното чистење на линданот“, велат од ресорното министерство за Радио МОФ.
Друга жешка точка е некогашната Топилница во Велес. И претходно Стафилов, и организациите „Вила Зора“ и „Екогерила“ пред две години ја испитуваа почвата, утврдувајќи високи концентрации на тешки метали како кадмиум, цинк и олово. Со секое дување на ветрот од почвата се разнесува токсичен прав. Лета насекаде. Почвата е длабоко загадена, па е загаден и зеленчукот, кој потоа наоѓа пат до домашните трпези.
Загадување над интервентната (акциска) граница треба да значи забрана за секаква активност, дури не се исчисти почвата. Односно, забрана за обработка, садење и консумација. Но, тоа не се случува кај нас, бидејќи немаме законски органичувања за токсични супстанции во почва, туку само стари правилници со вредности за зеленчук.
За деконтаминација на почвите, имаше индивидуални обиди од организации преку растенија со фиторемедијација (процес кога се употребуваат растенија со моќ да апсорбираат во себе штетни материи).
Но, професорот Стафилов смета дека за целосна деконтаминација мора да има една сеопфатна стратегија – од општината Велес, Министерствата за животна средина, земјоделие, економија… Секоја европска земја си создава свои станадарди, во согласност со препораките од ЕУ, но и според индустриските и природните геолошки процеси, дистрибуцијата на тешки метали и сл. Хрватска веќе има таков правилник, а слично и Србија, која ги презеде холандските гранични вредности што ги користеше и Стафилов.
Ова значи, треба класификација на почвите. Поделба какви активности би се правеле на резиденцијален простор, какви на индустриски, какви на земјоделска почва.
„Топилницата во Велес – тоа е урбанизирано подрачје. Депонијата со троска, еве, почна да се транспортира, да се извезува. Тој извоз ќе трае неколку години. Фирмата која ја доби концесијата, по завршувањето, има обврска да го оплемени целиот простор“, вели Стафилов.
Се очекува „Кепс Монт Груп“, операторот што стопанисува со ридот со олово-цинковната троска, од март да ги интензивира активностите, откако се соочија со проблем со напојување на машините за сепарирање, па се чекаше на довод за струја. Засега, згурата се извезува во Србија и Косово, а од март веројатно ќе ја купува и партнер од Турција.
„Со расчистувањето на црниот рид на локацијата ‘Баш колиби’ во Велес нема да има отпад. По завршувањето на чистењето ќе следува и ремедијација на почвата на целата површина од околу 33.000 квадратни метри“, информираа во јануари од Општина Велес.
Уште една проблематична жешка точка е Лојане, поранешниот рудник за хром, арсен и антимон во кумановско, затворен во 1970-те. Таму има депонија со 15.000 тони арсенски концентрат, арсен сулфид, кај селото Лојане. Во непосредна близина на депонијата се наоѓа и училиштето „Рилиндја“ со околу 400 деца.
„Лојане и Ваксинце се под Скопска Црна Гора, пред самата граница со Србија. Тоа е 5 километри од граничниот премин Табановце. Тоа оди во рекичките, а потоа во Кумановска река, која има присуство на арсен. Дури го регистриравме и во Пчиња“, вели Стафилов.
Според информациите на ресорното министерство, со финансиска поддршка на чешката Влада, изготвена е физибилити студија за старото јаловиште во Лојане. Исто така, имало и УНДП проект „Одржливо чистење и управување со загадувањето во рудниците Бучим и Лојане“, финансиран од Владата на Холандија.
Сепак, Стафилов вели дека е работено само на „ситни интервенции“ на посиромашната јаловина со земја, мал дел што веќе е оштетен.
„Ова е еден карактеристичен пример кога државата има обврска, но не се преземени мерки. Дадено е под концесија, со обврска да го реши. Но, еве, пред истек на концесија, ништо не е преземено“, забележува Стафилов, потенцирајќи дека арсенот е во листата на канцерогени тешки метали.
Во „жешките точки“ влегува и поранешниот „Југохром“, каде до 1992 година се произведуваше ферохром, легура на хром и железо. 1990-ите се продаде Топилницата и почна производството на феросилициум, исто така добар на пазарот. Целиот отпад од ферохромот, од 1950-ите навака – таа троска е депонирана без контрола.
„Југохром“, а потоа и фабриката „Силмак“, работеше без еколошка заштита. Во меѓувреме се изгради пречистителна станица кај Јегуновце, но проблемот со шествалентниот хром се се актуелизираше и лани, кога активисти од „Еко Герила“ алармираа дека отров со жолто-зеленикава боја се прелева во Вардар.
Сега, Министерството за животна средина тврди дека, за намалување на загадувањето од шестовалентен хром, континуирано работи пречистителната станица. Трошоците за станицата ги покриваат токму тие, во рамките на својот буџет, иако обврска за тековно одржување произлегуваат и со договор меѓу МЖСПП и Југохром Алзар ДООЕЛ, компанија што не работи од 2016 година.
„Сите обврски за тековното одржување на компанијата, Министерството се труди да ги решава. Во 2020 година, МЖСПП набави нови цистерни за складирање на хемикалиите потребни за процесот, нови пумпи и други додатни делови од опрема, потребна во системот. Во 2021 година, Министерството ќе продолжи со активности за набавка и одржување на системот во пречистителната станица, обрски кои согласно договорот се на Југохром Алзар ДООЕЛ“, велат од МЖСПП.
Според Стафилов, депонијата и понатаму е извор на загадување, посебно со тој шествалентен хром, од кој се загадуваат и подземните води.
„Бидејќи долу нема бетонска заштита, како дождовите паѓаат, делумно раствораат од шествалентниот хром, па одат во подземните води или се исцедуваат. А, депонијата е на 50 метри од Вардар. Таков хром, во форма на хромат, кога ќе се внесе во организмот може да предизвика нарушување на одредени функции“, нагласува професорот и истражувач.
Потсетува дека не се преземаат доволно мерки и за термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, за депониите од пепел.
„Проблемот со депониите на пепел е отворен, бидејќи пепелта не се депонира по стандарди, туку на отворено и се дистрибуира во околината. Таа делумно има развиено радиоактивност, па е штетна и од тој аспект. Пак тоа е државна надлежност, пак нема активности“, вели тој.
За депонијата со отпаден гипс од ХИВ-Велес, исто така вели дека ништо не е преземено, а е надлежност на државата. Радиоактивноста на тој отпад, посочува професорот, е некаде околу 700 бекерели по килограм, но, според нашите регулативи, се’ што е над 500 се смета за радиоактивен отпад, подлежен на строги мерки на заштита.
„А, ние имаме 1,5 милион тони, додека во Битола има 40 милиони тони“, посочува тој.
Како позитивни примери кои преку разни проекти и зафати се третирале изминативе години, Стафилов ги посочува „Годел“, „Тане Цалески“, „ОКТА“,„Фени“, рудникот „Бучим“, но и „Саса“, за каде тврди дека драстично е намалена емисијата на прашина.
„Од друга страна, кај ‘Злетово’, старите јаловишта останаа незаштитени. Извор се на загадување со прашина со висока содржина на тешки метали. Не е преземено ништо, а е надлежност на државата. Новиот концесионер има обврска да се грижи само за последната брана и последното јаловиште. А, старите јаловишта, проценети со над 30 милиони тони – оставени се на отворено“, забележува Стафилов.
Локалитетот има јаловини од преработка на руда, олово-цинк и олово-кадмиум и други тешки метали. Пред се’, тие претставуваат извор на загадување на воздухот, но зафатени се и површинските води, бидејќи се исцедуваат во реките.
„Во ‘Тораница’ постои само една брана и едно јаловиште, но тоа не можат да го покријат, бидејќи е во функција. Сепак, мислам дека тие се под контрола, посебно станицата за истечните води“, нагласува Стафилов.
Не се знае потребниот буџет и колку реално се исчистени подрачјата
Уште во 2005 година, кога беа дефинирани жешките точки преку „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“, вкупниот износ за ремедијација изнесуваше приближно 77 милиони евра. Сепак, ова е груба пресметка, направена врз основа на површината, количината на депонираниот отпад и годишниот мониторинг.
Треба да се нагласи дека, посебните физибилити студии направени за неколку од нив, покажуваат голема разлика во износот, што е прифатливо, бидејќи студијата е повеќе општа и изработено во 2005 година. Останати бројки од МЖСПП досега не добивме околу некој конкретен буџет за чистење.
Еколошката организација „О2 Иницијатива“ смета дека воопшто не е доволно досегашното финансирање за жешките точки. Исто така, не можат точно да кажат до каде е целиот тој процес, зошто за секоја од точките треба повторна да се проверуваат информации ако воопшто ги има, или да чекаат и собираат информации од институциите.
„Поради тоа и баравме информации на кои како јавност имаме право, да се објават на едно место да бидат лесно достапни и да бидат на увид на граѓаните, така да знаеме дали воопшто нешто се случува и се работи или до каде е процесот и кога е рокот на негово завршување. Секако дека се потребни и големи средства но штетите од нивното нерешавање се далеку поголеми. И во однос на донации, не можеме да очекуваме дека постојано некој ќе не финансира ако самите не покажеме дека имаме доволно капацитет и волја за нивно решавање, или ако целото финансирање се сведува на студии кои потоа седат заборавени, или не се презема ништо во однос на заклучоцоите и препораките од нив, ризикуваме тие донации да бидат и помали или воопшто да не ги добиеме како земја“, велат од „02 Иницијатива“ за Радио МОФ.
МЖСПП посочува дека активности и истражувања поврзани со деградација на почвата во нашата земја, а за кои корисник се јавува Министерството, направени се во текот на изработка на Национален план за управување со отпад. Односно, специјалната студија за индустриски контаминирани локалитети. Врз база на нивните наоди и податоци создаден е индикатор „Напредок во управување со контаминирани локалитети“, меѓутоа тој важи само за периодот од 2005-2011:
„Исто така врз база на наодите од погоренаведениот проект може да се заклучи дека 16 локалитети се прогласени за контаминирани локалитети, односно земјиштето во самите инсталациите, односно фабриките кај 83,3% од истите е контаминирано со тешки метали. Испитувања надвор од кругот на инсталациите и фабриките во склоп на овој проект не се направени“, посочуваат од МЖСПП.
Проблемот со „жешките точки“ се преклопува низ неколку закони
Кога повеќе од 40 еко-организации, здружени како #ЗеленФронт го организираа најмасовниот еко-протест пред една година, произлегоа конкретни барања за „жешките точки“.
Според „О2 Иницијатива“, нивното решавање можело да отпочне и во период од 1-3 месеци. Сепак, роковите пропаднаа.
„Оваа проблематика се преклопува во повеќе закони, и тие што се донесени, а се однесуваат на дел од овие проблеми, очигледно не успеаваат да ги натераат нашите власти да ги решат овие проблеми како приоритет, нема одговорности или високи казни. Дел од законски измени што ги баравме тогаш, во следниот период преку интерпартиската парламентарна група во Собрание, формирана на наша иницијатива ќе се обидеме да се донесат, пример Законот за почви. Некои се во моментов во собраниска процедура и на нивни измени работиме преку алијансата ‘Разбистри се’’ – Законот за Води, Законот за минерални суровини“, велат од „О2 Иницијатива“.
Проблем е што во Македонија досега не постои мониторинг, систематско мерење и следење на состојбата и квалитетот на почвите. Не постои ниту законска регулатива која се однесува и регулира одредени прашања со почвата како медиум во природата.
Законот за заштита на почвите, чијашто работна верзија е направена поодамна, но никогаш донесена, требаше да опфаќа голем број мерки за заштита. Затоа и преку потпроект на УНИДО беа направени гранични вредности. Таквиот правилник, требаше да има законска поддршка во Закон за животна средина.
Ресорното министерство во 2019 правеше измени и дополнувања токму на Законот за животна средина, со цел да се овозможи формална идентификација на контаминираните подрачја.
„Поради предвремените парламентарни избори, распуштање на Собранието и состојбата со пандемијата од Ковид-19, измените на законот се вратија до МЖСПП. Постапката е повторена и сега е во собраниска процедура“, велат од министерството.
Бојан Шашевски
*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје