[Видео] Ученици и наставници од Битола читаат на глас и се запознаваат со литературниот јазик

Ученици и наставници се вклучија во кампањата на Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ во Битола со која се одбележува 3 февруари – Светскиот ден на читање на глас.

„Читањето на глас им помага на децата да го поврзат она што го гледаат, слушаат и читаат. Читањето на глас од возрасните го проширува вокабуларот на децата и ги проширува нивните општи знаења. Читањето на глас кај децата открива литература што можеби никогаш нема да ја откријат сами, како што се поезија, раскази, бајки… читањето на глас им овозможува на децата да се запознаат со литературен јазик кој е значително различен од секојдневниот говор или јазик што се слуша од радио или телевизија, се чита од весници или се слуша на филмови. На овој начин, децата подобро ги разбираат сложените структури на речениците“, појаснуваат од НУБ „Св.Климент Охридски“.

Кампањата ќе трае во текот на целата година, а во неа ќе учествуваат деца од детските градинки, од училишта, учество на јавни личности, но и родители и наставници кои на децата ќе им читаат на глас.

„Да читаме на глас“ се организира по повод Европската година на гласно читање, прогласена од Европската организација за унапредување на читањето EU READ, со што се нагласува важноста на гласното читање во развојот на навиките и вештините за читање кај децата.

Во продолжение, слушнете дел од учениците и наставниците кои се вклучија во кампањата: