Постојано слушаме за загадување и климатските промени по вести. Поплави, пожари, аерозагадување, секакви катастрофи. Ни се чини како да им нема крај на климатските промени и дека се целосно вон наша контрола.
Но, во последно време начнуваат наративи за тоа како можеме да им се спротивставиме на климатските промени. Се става се’ повеќе одговорност на индивидуата и што може секој од нас да направи: внимавај да исклучуваш светла кога можеш, да не користиш многу вода при туширање.
Но, дали овие мали секојдневни промени вистински може дфундаментално да го решат сите проблеми поврзани со загадување на околината или само ни го одземаат вниманието од вистинските решенија?
Да разгледаме еден пример: скорашниот тренд на отсранување на пластични цевки за лична употреба. Дискусијата околу пластичните цевки предизвика реакција од големи корпорации, како Старбакс и Дизни, кои општо забранија користење на пластични цевки во нивните компании во 2018-та година[1][2]. Згора на тоа, пластичните цевки беа дел од претседателските дебати во С.А.Д. во 2020-та година[3] и дури беа целосно забранети во Велика Британија[4]
.
Но, дали вреди толку ресурси и енергија да се троши исклучиво за пластичните цевки? Од 8-те милиони тона пластика кои секоја година се отфрлаат во океаните, само 0.025% се пластични цевки[5]. Тој низок процент никако не значи дека пластичните цевки всушност не се штетни за околината.
Но, да не се лажеме дека намалената употреба на пластични цевки ќе направи вистинска драстична промена за околината и дека ќе значи дека ние или големите корпорации кои ги забраниле пластичните цевки ја имаме завршено нашата работа. Во суштина, вистинските загадувачи многу ретко доаѓаат директно од потршувачи. На пример, околу 46% од отпадот од Големиот тихиокеански остров од ѓубре се состои од мрежи за риболов[6].
Што мислите дека би направило поголема промена во животните во океаните кои редовно голтаат пластика: регулации за риболов или за пластични цевки?
Едноставно кажано, нема едноставни решенија за одземање на штетата која е нанесена на нашата планета. Менувањето на малите секојдневни навики нема да го смени фактот што повеќе од половина од емисиите на јаглерод диоксид се произведени од најбогатите 10%[7] или дека 42% од светската струја доаѓа од горењето на јаглен, нафта и други необновливи загадувачки извори[8]. Вистинските решенија треба на други места да се бараат, во активното спротивставување на системите кои се одговорни за штета и во активното барање на нови решенија.
Пишува Борјан Гаговски
Борјан Гаговски има 19 години и е млад амбасадор за климатски промени која ќе учествува на првата Симулација на Конференцијата за климатски промени. Симулацијата е во рамки на проектот „Млади амбасадори за климатски промени“ спроведуван од Гоу Грин, со поддршка од Британската амбасада во Скопје.