„Тргнете ги канџите од културата“ – протест поради изборот на директор на НУЦК „Антон Панов“

Со транспаренти во рацете пред платото на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, актери, режисери и драматурзи, денеска преку протестна акција го изразија нивното незадоволство поради одлуката на Министерството за култура за генерален директор да назначи професор по физичка култура.

Битката, како што додаваат тие, ја водат и по правен пат и се надеваат дека ќе го докажат тоа во што се сомневаат. Истовремено, како што посочуваат од иницијативата „Култура или Фис-култура?“ за Радио МОФ, за утре закажале и протест во 12 часот во Скопје пред Министерството за култура.

„Нашата иницијатива е подржана од 322 културни работници, има и членови на синдикатот за култура, плус и на СОНК. Ние мислиме дека сите тие 322 поддржувачи остануваат до крај во нашата битка“, велат од иницијативата.

Ваквата акција следува и по состанокот кој иницијативата го имала во понеделникот со Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.

„Роберт Алаѓозовски во својство на Национален координатор во Владата, дојде и ни го испрезентира уште еднаш ставот на министерката за култура и ние не најдовме заеднички јазик. Остануваме ние на нашите барања, тие остануваат на формално-правниот аспект дека се уште не постои правна причина за да се разреши таа одлука, да се повлече, и кандидатот да не ни биде директор“, објаснуваат од иницијативата.

Истовремено, тие посочуваат дека секојдневно имаат состаноци и одлучуваат како понатаму да се одвива битката, додавајќи дека доколку надлежните „останат глуви на нашите барања, ќе се радикализираат протестите“.

М.К.