Секоја вечер и утро, Лирија Шабан од Скопје си легнува и станува со мобилен телефон покрај себе. Но, секојпат кога телефонот ќе заѕвони добива лоши вести. Уште една личност искусила семејно насилство.
Во Шабан се собрани стотина мрачни приказни од жртви кои доаѓаат од речиси сите градови во државата. За овие луѓе таа е помош за справување со насилните партнери, или пак водич кон соодветните институции каде можат да бараат помош и правда.
Оваа поранешна професорка по албански јазик веќе три години е волонтерка на мобилната СОС линија за пријавување семејно насилство која ја отвори Националниот совет за родова рамноправност. Во тимот се шест лица, секој од својата бранша. Шабан ја добивме вртејќи на 070 141-700, една од трите нивни СОС линии.
„Прво ги упатуваме во Центар за социјална работа, потоа во специјализиран центар за насилство каде може да добијат добри совети како да се справат. Има жени на кои им треба правна помош, па им ги даваме броевите на Хелсиншкиот комитет за човекови права каде можат да добијат бесплатна правна помош, а ако на жената и е загрозен животот, тогаш се јавува и во полициска станица. Ако не може жената, тогаш ние се јавуваме“, ни појасни таа.
Се наврати на случај кој како што вели, и останал врежан во меморијата. Се работи за млада жена од планинско село која била претепана од својот сопруг и свекрва и заклучена во соба без храна и вода цели три дена. Преќу својата ќерка успеала да допре до мобилен телефон за да ја повика својата сестра од Скопје. Таа, пак, стапила во контакт со Шабан.
Откако ја советувала да избега, жртвата успеала со комбе да пристигне во Скопје кај својата сестра, по што веднаш се упатиле кон полициската станица „Пролет“. Но, тука се соочиле со нови непријатности.
„Мора да се интервенира, инаку ги претепуваат“
„Полицијата има специјализирана единица за семејно насилство, но кога жртвите одат да пријават, им велат дека немаат ингеренции“, реагира Шабан.
„Морав лично да отидам во полиција затоа што им рекле да чекаат пред портите на полициската станица. Дури кога пристигнав почнаа да преземаат мерки“, додава таа.
Жртвата на крај била сместена во згрижувачки центар, а подоцна добила и социјална помош. Но, решението за ваквите негоди, Шабан го гледа првично во полицијата. Според неа, треба да биде побрза во реакцијата и поагилна.
„Кога ќе пријавам дека има насилство мора да се интервенира, инаку ги претепуваат. Имаше жена која моравме во болница да ја сместиме“, посочи таа.
Шабан и Национален совет за родова рамноправност не се сами во оваа битка. Дваесет и четири часа, секој ден во неделата, е достапна и СОС линијата на Кризниот центар „Надеж“ во Скопје. Тие нудат и простор во кој жртвите кои се во опасност може да престојуваат од 24 до 48 часа.
„Кога некоја жртва ќе пријави, може да се случи и во сред ноќ да не повикаат од интервентните тимови кои работат во Центрите за социјална работа или од полиција да дојдеме да отвориме, за да сместиме некого“, раскажува Маја Ацевска, уште една СОС операторка.
Но, за разлика од Шабан, таа смета дека соработката со центрите за социјална работа и полициските станици каде најчесто пријавуваат жртвите е добра.
„Кога жртвите ќе пријават, во истиот момент ги информираме надлежните институции коишто ги преземаат и ги носат кај нас на згрижување. Условите во кризниот центар не овозможуваат долг престој, но има згрижувачки центри каде што можат да бидат долгорочно заштитени“, вели Ацевска.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, на територијата на Република Северна Македонија функционираат 13 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство и родово базирано насилство, распространети во 6 регион.
Министерството раководи со осум од нив. Но, има и три што се финансирани од министерството, а раководени од граѓанскиот сектор. Само еден е финансиран од локална самоуправа, а менаџиран од граѓанска организација, додека еден таков сервис функционира со сопствени средства на здруженија. Но, проблемот според Ацевска е што нема друг кризен центар освен „Надеж“, па кај нив доаѓаат жртви и од други градови.
„И во другите региони има потреба од кризни центри. Имаме повици од сите градови од државата, каде што нема и сега во случај да има жртва којашто се соочува со проблем, а во моментот нема каде да биде сместена, многу е попроблематично да стигне до Скопје отколку да има некаде поблиску кризен центар“, забележува таа.
МВР: Полициските службеници се должни да излезат на местото на настанот
Сторителите на семејно насилство се гонат со Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Сепак, Кривичниот законик не го регулира семејното насилство како посебно кривично дело, туку дејствијата што произлегуваат од него, како физичкото, сексуалното и психичкото насилство.
„Секогаш кога има пријава за семејно насилство полициските службеници се должни да излезат на местото на настанот и да изготват полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Полицијата обезбедува здравствена заштита на жртвата и го одземе оружјето што го поседува сторителот на семејното насилство. Во рок од 12 часа од интервенцијата полицијата мора да го извести и ЦСР за конкретниот случај“, велат од МВР за Радио МОФ.
Оттаму посочуваат дека кога е потребно да ги земе личните работи кои и се неопходни за секојдневниот живот, полициските службеници ја придружуваат жртвата до домот каде живее. Во итни ситуации, пак, имаат обврска до надлежен суд во рок од 12 часа да поднесат предлог за отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување.
Од МВР потврдуваат дека СВР Скопје има посебна организациска единица за случаи на семејно насилство, додека во останатите подрачја, мерките и активностите ги преземаат полициски службеници кои се обучени за ваквите случаи.
Институциите ќе се грижат за реинтеграција на жртвите
Министерството за труд и социјална политика подготви нов закон со кој семејното насилство се дефинира како родово базирано насилство и ги препознава девојките и жените како посебно ранлива група на родово базирано насилство. Со него, се задолжуваат институциите да обезбедат реинтеграција на овие жртви преку развивање на програми и мерки за помош и поддршка.
„Министерството за труд и социјална политика треба да донесе Програма за реинтеграција врз чија основа треба да се подготвуваат индивидуални планови за реинтеграција на сите жртви. Програмата за реинтеграција на жртвите на насилство вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон“, најавуваат од министерството за Радио МОФ.
Но, овој закон дојде со задоцнување, на 27 јануари 2021 година. Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, тој требало да биде изготвен и изгласан во Собранието многу порано, со оглед на тоа што Истанбулската конвенција е ратификувана во 2018 година. Неговото применување ќе започне на 6 мај, годинава.
Од Комитетот забележуваат дека се уште има непознавање на законската регулатива за заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство. И тие, како Шабан, препознаваат несоодветно идентификување, процесуирање и постапување по случаите, како и несинзибилизираност на службениците.
„Уште еден проблем е двојната виктимизација, која се случува од ниво на блиски социјални/семејни кругови, до ниво на институции и мора огромен фокус да се даде на „одучување“ од овој феномен на општествено ниво“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Тие нудат бесплатна правна помош за овие жртви, но забележуваат одбивност од страна на институциите за соработка со невладиниот сектор, до тој степен што во одредени случаи ги сметале и за „непријатели“.
„Во оваа смисла, имајќи предвид дека многу често сме придружба на жртвите пред судовите, центрите за социјална работа, полициските станици итн., интересно е да се забележи дека службените лица имаат значително поинаков пристап кон жртвите кога сме присутни и ние, за разлика од ситуации кога жртвите сами го пријавуваат насилството. Ова дополнително ја зацврстува и онака ниската доверба на жртвите во институциите, што пак, придонесува кон обесхрабрување за пријавување“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Но, токму тоа е најголемиот предизвик што го препознаваат – ниската доверба на жртвите во институциите дека ќе биде преземено нешто за нивниот случај и дека тие ќе дочекаат позитивна развршница, без да поминат низ двојна виктимизација и дополнителни проблеми.
„Најчесто, сè завршува со барање за правно советување или информирање за постапките, но жртвите се откажуваат од понатамошни дејствија“, заклучуваат од Хелсиншкиот комитет.
Решението го гледаат во соодветното и сеопфатното постапување по пријавите, за да ги охрабри жртвите да пријавуваат во иднина.
„Дополнително, масовната поддршка која жртвите ја добиваат од јавноста (и покрај негативните и невкусни коментари на поединци), влијае позитивно на пријавувањето, за што сведочи и зголемениот број пријави на родово базирано насилство по случајот „Јавна соба““, сметаат од Хелсиншкиот комитет.
МТСП преку јавен повик финансира 4 здруженија кои даваат специјализирани услуги за жртви на семејно насилство. Една од тие специјализирани услуги е и СОС бесплатната мобилна линија за жртви на родово базирано насилство.Средствата за нив се обезбедени со распоредувањето на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2021 година.
Од неодамна активна е и првата мобилна апликацијата за помош против насилство „Биди безбедна”, достапна на три јазици: македонски, албански и ромски. Ја изработиле заедно со УНДП, со цел да им се помогне на жртвите на семејно насилство брзо и едноставно да побараат помош.
Од 23 декември, кога официјално беше пуштена, до денес, преку неа примиле 28 вкупно повици и 4 пораки од жртви. На сите им било посочено до кои институции да се обратат.
Поголема видливост на СОС линиите
Операторите или советувачите кои работат на линиите најчесто се првиот контакт на жртвите кои решиле да побараат помош. Според психологот Давид Тасевски, важно е тие да имаат соодветно образование или едукација, но уште поважно смета тој, е искуството, бидејќи работата на ваков тип линија бара поинакви вештини.
„Праксата покажува дека голем дел од колегите кои работат во државните институции во делот на насилство, сè уште прават грешки. Освен поддршка и охрабрување на лицето кое пријавува насилство, важно е да се стави акцент на храброста која ја има во себе за да пријави, со цел да излезе од кругот на насилството, кое не е лесно. Исто така е важно е да се дадат соодветни информации и контакти, и да се разгледаат можни опции за заминување од насилната средина. Голем дел од лицата кои трпат насилство не знаат што ќе ги чека после пријавувањето, што после заминувањето од домот, или што ќе се случува со децата доколку ги имаат“, забележува Тасевски.
За него најпроблематичен е речникот кој се користи во институциите, односно како што посочи, префрлувањето вина на жртвата или минимизирање на насилството, што според него е недозволиво.
„Реченици од типот „што направи ти за ова да се случи“, „зошто го трпеше ова досега, нели се обиде да избегаш ако ти било толку тешко“, или „ајде врати се дома, поради неколку шамари децата ќе ги оставиш без еден родител“, нема да помогнат во добивање на довербата на жртвата, а таквите реченици ни покажуваат дека лицето кое ја прима пријавата нема разбирање за жртвата, кое е основа за добра пружена помош“, смета психологот Тасевски.
Тој нагласува дека СОС линиите се ефикасни, но потребна им е поголема видливост за да можат да помогнат на што повеќе лица.
„Важно е да впериме со прст и кон системот, кој кај нас, за жал нормализира насилство, и тоа го нормализира од најрани години. Ние не можеме да очекуваме брзо пријавување на насилство, во средина каде ударот врз децата се смета за дел од воспитниот процес, а тие деца раснат со пораката дека при конфликт, најсоодветно решение е насилството. Каде таа позната реченица дека „ќотекот е излезен од рајот“ е сè уште гордо гласна, и каде сè уште се дебатира дали силувањето во брак може да се нарече силување. Ние сме сите дел од ова општество каде некој кој изгледа поразлично е ставен на тапет на социјалните мрежи, и се повикува и поттикнува на негово претепување и убивање. Дел сме од систем во кој разголена слика од девојка за многу луѓе е оправдување да биде силувана“, реагора Тасевски.
И тој е уверен дека има потреба од поддршка за овие лица после излегувањето од насилната средина.
„Меѓутоа, важно е да се знае дека после насилството, кај жртвата може да се појави враќање на сцени од насилството, кошмари, анксиозност, депресија, намалена самодоверба, чувство на безвредност, изгубена доверба во другите луѓе или при воспоставување на нови релации, итн. Улогата на психотерапевт кој има искуство во работа со насилство, во овој случај е многу важна, а услугата задолжително би требало да биде покриена од државата. Повторно, поддршката на жртвите на насилство, најчесто се нуди во сервисите отворени од невладините организации“, посочи тој.
„Се гордеме кога ќе успееме да помогнеме“
Бројот на повици кои лани ги добиле во Кризниот центар „Надеж“ се зголемил за речиси 100, во споредба со 2019 година. Ацевска вели дека има денови кога добиваат и по 10 повици, а некогаш ниту еден. Во центарот, пак, во 2019 година згрижиле 80 лица, а минатата година 58.
„Многупати се случило ние самите меѓу колешките да се гордеме кога ќе успееме“, се радува Ацевска.
„На памет ми доаѓа случај на една жена којашто беше со помисла на самоубиство. Колешката психолог која разговараше со неа успеа да ја разубеди со разговор и охрабрување, дека постојат механизми на заштита, може да се изречат мерки што ќе ја заштитат, и со тоа успеа да ја одврати од помислата“, се потсетува таа.
Таа долги години работи во кризниот центар, па со текот на времето се навикнала да слуша секакви приказни. Сепак, признава дека не може секогаш да се остане рамнодушен.
„Дури сме доаѓале и до плачење од што се обидуваш да сфатиш во каква ситуација се наоѓа некој што бара помош“, се надоврзува Ацевска.
Жените се тие кои најчесто им пријавуваат, и тоа кога се малтретирани физички или психички од партнерот. Спротивно од нив, мажите многу ретко пријавуваат, но и тогаш најчесто се однесува на несогласувања со блиски роднини поради имотно-правни прашања или пак малтретирање од своите деца.
На Шабан, пак, тешко ѝ е кога се потсетува на некои случаи. Мотивот да се приклучи на СОС линиите доаѓа уште од времето кога била професорка. Преку нејзините ученици слушала разни приказни од домашните проблеми кои ги имале.
„Во тие моменти не се чувствував добро, ми беше жал за децата. Уште од тогаш сум научена да ги поучам, да ги советувам“, вели таа.
„Тешко е малку, ама убаво е што можеме жените да ги насочуваме“, додава Шабан.
И во нивните повици што ги добиваат, преовладуваат жените кои се физички или психички малтретирани од партнерите. Но, таа посочува и на економското насилство, каде жртвите се лишани од парични средства.
„Не можат во полиција да одат да земат потврда, затоа што полицијата ги наплаќа по 100 денари. Затоа тие потврди остануваат неземени“, истакна таа.
Пандемијата ја нарушила и нејзината обврска, па сега ова го работи од дома, во смени со своите колешки волонтерки. Нејзиниот телефон и понатаму ѕвони, а Шабан се надева дека ќе помогне на уште многу жртви во иднина.
Емилија Петреска