Нема договор по речиси двочасовната средбата која денеска ја остварија министерката за култура Ирена Стефоска заедно со струмичките актери кои на пладне одржаа протестен перформанс, изразувајќи го нивниот револт поради одлуката за генерален директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица да се назначи професор по физичка култура.
„Решивме дека ќе останеме во дијалог со министерката, ги разгледуваме можностите за заедничко решение да се донесе. После денешниот протест во Скопје, министерката доброволно не прими и ви кажувам, исходот од средбата е дека остануваме во дијалог“, накратко искоментира актерот Ванчо Василев.
Културните работници се револтирани, бидејќи како што велат, избраниот кандидат на НУЦК „Антон Панов“ не ги поседува потребните квалификации.
Протестот пред Министерството за култура следи по вчерашниот протест кој беше одржан пред културната институција, во центарот на Струмица.
Инаку, иницијативата на културните работници е поддржана од над 320 културни работници.
М.К.