Изложба „Folded“ на младиот фотограф Зоран Шекеров

„PrivatePrint Studio“ ја поставува изложбата „Folded“ на младиот фотограф Зоран Шекеров. Изложбата ќе биде отворена од 17 февруари до 9 април 2021 година и ќе може да се посети во средите и петоците во периодот од 12 до 18 часот.

Посетителите претходно ќе треба да го најават своето присуство на info@privateprint.mk или во порака на Фејсбук, замолуваат од „PrivatePrint“.

Изложбата „Folded“ од Зоран Шекеров се надоврзува на неговиот истоимен истражувачки документарен проект срочен во фото книга, издание на „PrivatePrint“. На изложба, покрај мал дел фотографии од книгата, се претставени и фотографии кои не се дел од книгата, со намера да се претстави работниот метод на Шекеров.

Зоран Шекеров (1992) има работено на проектот „Folded” околу две години. Во тоа време тој од близу фотографиралповеќе пеливански натпревари и воспоставил блиска комуникација со неколкумина од борачите, вградувајќи ја таа доверба директно во фотографиите. Токму тој негов сензибилитет при пристапувањето на темата со која работи го одликува и го издвојува како фотограф.

Работи во Скопје и неговата практика е насочена кон долгорочни документарни истражувања, коишто ја проучуваат човековата состојба во одреден социо-политички контекст, допирајќи ги и темите на идентитетот. Тој ги преиспитува термините како патриотизам и носталгија, имајќи ја на ум врската помеѓу живата историја и сентименталноста.

Изложбата ќе се одржи според протоколите за заштита од Ковид-19. Задолжително е носење заштитна маска и одржување дистанца за време на посетата.