По најавата за емитување на ТВ-серијата „Зоки Поки“ во Шведска, од продукцијата „Кино око“ денеска соопштија дека серијата ќе се емитува и во Норвешка, на националната телевизија „НРК“.
Телевизијата е една од најгледаните во Норвешка, посочуваат од „Кино око“, додавајќи дека таа е и јавен сервис во земјата.
„Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За ‘Зоки Поки’, тоа значи потенцијал за особено широка гледаност. Претстојното емитување на ‘Зоки Поки’ во Шведска и Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега, немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија“, посочуваат од продукцијата.
Заслугата за емитувањето во овие две земји, како што велат, е на дистрибутерот „Видеоплагер“ од Лондон.
„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. Емитувањето на НРК, сервис кој е светски познат за квалитетот на продукциите, е доказ за тоа дека бевме во право и дека ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони, извршен директор на „Videoplugger“.
Директорот за набавка на програма во телевизијата Каре Снипсоур рече дека кога прв пат ја гледал серијата, бил прилично сигурен дека таа е соодветна за „NRK“.
„Приказните од Северна Македонија имаа универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар“, вели Снипсоур.
Продуцентот пак, Роберт Насков посочи дека е многу возбуден што серијата, како што кажа, ги задоволи високите скандинавските стандарди за детска програма.
„Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет. Емитувањето на ʻЗоки Покиʼ на ʻНРКʼ е огромен успех за мојата продукција и за македонската кинематографија“, рече тој.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.
Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.
Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.
Помладата публика во Шведска ќе ја гледа ТВ-серијата „Зоки Поки“