Информацијата за воведување на сеопфатно сексуално образование предизвика лавина реакции во јавноста. Дел позитивни, но дел и негативни. Веста за воведување на предметот предизвика и ширење на лажни вести и паника во обид да се отфрли воведувањето на сексуалното образование.
За програмата на ССО, придобивките од сексуалното образование, но и за отпорот во јавноста, Радио МОФ разговараше со универзитетската професорка Николина Кениг, редовна професорка по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Што всушност ќе се изучува преку сеопфатното сексуално образование?
Предметот Сеопфатно сексуално образование (ССО) е базиран на курикулум чии главни цели се да им помогнат на младите да се осопособат за заштита од родово насилство, од сексуална експлоатација, од рани непланирани бремености, да дознаат како се превенираат или како соодветно да се реагира на сексуално преносливи инфекции и слични ризици и последици по нивното здравје, но и да научат да подобро да комуницираат, да ги прифаќаат различностите и изгледот на своето тело. Насочен е кон тоа е да им помогне на младите и да идентификуваат кога нивната добросостојба е загрозена, како и да ги информира каде да се обратат за помош ако им е потребна. Ова се однесува на нивниот живот на училиште, дома, но го вклучува и интернет просторот, еднакво како и јавниот. За разлика од неколку други постоечки модели на сексуално образование, сеопфатното се потпира на тоа дека освен био-медицинските основи на сексуалноста, младите имат право да бидат запознаени и со нејзините психо-социјалнии емоционални аспекти. Друг важен принцип на ова образование се базира на емпириски потврдениот факт дека пристапот кон темите е ефикасен само доколку се втемели на уважување на тоа дека сексуалноста нема само репродуктивна смисла и не е само извор на потенцијални опасности, туку, дека нејзини важни елементи се и задоволството, љубовта и интимноста. Со други зборови, се зема предвид фактот дека ако на тинејџерите им се нуди сексуално образование кое само ќе ги застрашува или ќе морализира, ефектите ќе бидат обратни од посакуваните.
Еднакво важен како самите содржини на сексуалното образование е и пристапот низ кој тие се пренесуваат. Работната група составена од страна на Бирото за развој на образованието со цел да го предложи оптималниот модел на имплементација, пред две години, немаше дилеми во врска со одлуката дека методот на работа треба да е интерактивен и партиципативен. Така, наставата по овој предмет не е конципирана како класично предавање на кое му се придружуваат елементи на интеракција, туку, се планира сите наставни единици да се реализираат низ т.н. работилници каде младите имаат можност да се слушнат меѓу себе, да дискутираат, или да играат улоги низ специјално осмислени активности. Ова многу помага во стекнувањето вештини за критичко мислење и во подобрување на себепочитувањето и почитувањето кон другиот. Всушност, моделот на работење, па дури и структурата на работилниците комплетно е преземен од тој на предметот Животни вештини кој на голем дел од наставниците веќе им е познат. За оваа настава нема да има учебник за учениците, туку прирачник за наставниците од кој тие можат да изберат најсоодветните работилници за сите вклучени тематски подрачја. Главната улога на наставникот е во тоа да овозможи безбедна и контролирана средина и да биде потпомагач на процесот во кој учениците, освен што ќе се стекнуваат со информации, релативно самостојно ќе заклучуваат за прашања кои се централна преокупација за нивната возраст.
Дали можете да наведете примери од други држави кои го препознаваат ССО како дел од формалниот образовен систем и какви се искуствата?
Најчесто давани примери на успешни приказни се земјите во кои сексуалното образование има подолга традиција, се одвива во континуитет на различни возрасти и ги опфаќа сите ученици. Во изминатава декада, во Европа (сфатена во поширока географска смисла) се бележи силен прогрес на сексуалното обарозвание. Во голем дел од земјите, сексуалното образование е и законски регулирано. Државите каде програмата е сеопфатна и соодветно се спроведува се Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија, од каде доаѓаат податоци за извонредно важни резултати од овој вид настава, како за учениците, така и за општеството во целина. Сексуалното образование бележи голем напредок и во земји од нашиот регион. Вво Албанија, сексуалното образование е воведено уште од 2012 година и во основните и во средните училишта, како интегрирана содржина на три предмети, а воо Босна и Херцеговина програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна.
Какви се придoбивките од сеопфатно сексуално образование?
Меѓународните студии потврдуваат дека долгорочно гледано, реализацијата на сеопфатно сексуално образование води кон намалување на бројот на непланирани тинејџерски бремености, абортуси и сексуално преносливи инфекции вклучувајќи ХИВ, се намалува и просечната возраст на првиот сексуален однос и, не помалку важно, на младите им се помага во воспоставување односи и врски кои се засноваат на еднаквост, почит и ненасилство. Во средини каде едукацијата се реализира континуирано и квалитетно, документирани се и т.н. индиректни придобивки, како, зголемена емпатија, подобрени комуникациски вештини и зголемена самодоверба, особено за телесниот изглед. Има и понови истражувања што укажуваат дека ваквото сексуално образование може да има ефект во намалување на насилството во интимните врски и воопшто, насилството во училишната средина. Ова значи дека на сексуалното образование може да се гледа и како на важна алатка за унапредување на личното менталното здравје, но и на колективната добросостојба, бидејќи, во крајна линија, придобивките значат и растоварување на буџетот од трошоци за санација на штетите од родово засновано насилство, сексуално преносливи инфекции, инфертилитет и слично. Во земјите со развиено и инклузивно сексуално образование кои веќе беа спомнати, како на пример, Естонија или, Холандија, релевантните државни институции што го поддржуваат преку своите услуги, располагаат со податоци кои недвосмислено укажуваат и за вакви ефекти. Не се за занемарување наодите од податоците прибрани и на домашно тло.
Во досегашните наши искуства со имплементација на ССО програмите надвор од формалниот контекст, со врсничка едукација со која се опфатени преку 2500 млади лица кои доброволно се пријавиле за учество, прибирани се податоци за тоа колку учеството во оваа програма придонесува во подобрување на информираноста и на релевантните ставови. Низ неколку повторени наврати на евалуација на овие врснички обуки, потврдени се ваквите ефекти, не еднакво силни за сите компоненти или содржини, ама, без исклучок значителни. Објективните показатели добиени на тестирањата и изјавите на учесниците во едукациите јасно сугерираат дека и кусата изложеност на можноста да се стекнат информации, а уште поважно, да се споделат мислењата со врсниците, претставува драгоцено искуство за младите. Се надевам дека податоците од пилот програмата ќе обезбедат и нови, побогати сознанија за продобивките од ваквата настава, паралелно со идентификацијата на нештата кои би можеле да се подобрат. Меѓу другите индикатори на ефикасноста на наставата, по спроведувањето на пилотирањето ќе бидат мерени и ефектите врз различни аспекти и корелати на психичката добросостојба (како на пример, самодовербата) за кои исто така се очекува да бидат подобрени.
Факт е дека освен поддршка, се појави отпор кон ССО, кое беше оспорувано на повеќе начини. Може ли да ги идентификувате разликите меѓу нив?
Прв изблик на организирано спротиставување видовме низ повторуваните обиди да се дискредитира, па и да се демонизира сексуалното образование преку злонамерно дезинформирање за неговите содржини, цели и ефекти. Се ширеше паника за намерите (како на пример, тоа дека оваа едукација има за цел да ја „распространи хомосексуалноста“ или да ги „обесполови децата“, или „да ги направи промискуитетни“, да придонесе кон „депопулација на земјата“), па и за содржините и нивната реализација (како на пример, дека децата ќе бидат обучувани – ни помалку ни повеќе – на „орален и анален секс“), со помош на материјали кои никогаш и никој не ги потврди како планирани за наставата кај нас. Овие конструкции се навистина на граница на здравиот разум и се дрска емоционална манипулација од страна на поединци и здруженија кои немаат никакво претходно искуство во оваа сфера. Затоа, дискусијата за нападите засновани на оваа стратегија веднаш би ја затворила со нагласување дека на прашањето за воведување сеопфатно сексуално образование, во Македонија во изминатите десет години работеа повеќе професионалци и институции, а во тој процес, на еден или друг начин, биле инволвирани сите релевантни државни институции, без разлика на политичката идеологија на администрацијата која со нив раководела во тој момент. Има и опоненти кои реагираат во врска со тоа дали училиштето може да е место каде треба да се дискутираат овие содржини, или, едукацијата за сексуалноста е ексклузивно право на родителите. Се поставува и дилемата дали училиштето смее да интерферира со вредносниот систем на родителите, при што, се заборава, на пример, дека со години наназад сексуалното и репродуктиво здравје и права се дел на задолжителниот курикулум по биологија или граѓанско образование, а многу содржини беа изборни и во предметот Животни вештини. На овој вид противење може да се гледа и како на еден вид елитизам, бидејќи таа не е сензитивна на потребите на оние ученици чии родители би сакале нивните деца да ја имаат оваа можност од најразлични причини – било да е тоа поради бариерите кое се препречуваат пред табуизираните теми, немањето пристап до информациите кои им се неопходни на младите денес, заради проблемот на родителите да одговорат на предизвиците на сајбер насилството, или, затоа што едноставно сметаат дека ваквата настава може да е добра можност за надополнување на информациите што децата ќе ги добијат од дома. Во крајна линија, ССО е државна програма која се спроведува во најдобар интерес на детето и ги става потребите на децата пред и над сѐ останато. Отпорот кој се базира на прашањата од типот „што би можело да учат денешниве деца за сексуалноста кога сѐ знаат од Интернет“, допираат многу важен аспект на потребата од системско воведување ваков вид образование. Иако можат да се најдат и корисни нешта, дел од содржините во врска со сексуалноста до кои децата на рана возраст доаѓаат преку медиумите се едноставно кажано токсични, целосно неприлагодени на возраста, па освен што може да бидат извор на дезинформации, лесно создаваат и погрешни очекувања, проблематични ставови и конфузија. Неколку истражувања кај нас покажаа дека и покрај ваквата изложеност, младите немаат соодветни информации и за банални прашања од сферата на сексуалното и репродуктивното здравје. Последното тестирање со објективен тест на знаење зададен на 600 тинејџери, покажа дека генерално, знаењата им се мошне скромни. Без претензија дека ги набројав сите можни варијации околу кои се градат позициите за тоа дека сексуално образование не треба да биде дел од формалниот систем, она што морам да потцртам е дека новата Концепција за основно образование планира предметот да се воведе во деветто одделение, како изборен. Изборноста е двојна – го избираат доброволно учениците, со дозвола на родителите, а наставниците кои сакаат да поминат низ обука за да ја изведуваат наставата, имаат можност да избираат кои конкретни работилници (од понудените во прирачникот) ќе ги работат на часовите.
Набројувате неколку начини на кои отпорот се изразува во јавноста. Може ли да идентификувате нешто, што им е заедничко на овие изблици на отпор?
Ќе се обидам да сумирам дека, како и да се манифестира, доминантната причина за силното спротиставување на воведувањето на сексуалното образование како училишен предмет може да се припише на перципираната опасност од преиспитување на веќе воспоставена вредносна матрица, која по важни одредници е спротивна на вредносната платформа на овој вид образование. Не е случајно што најжестоките реакции циркулираат околу родот , еднаквоста и недискриминацијата врз основа на сексуалниот идентитет и ориентација. Оваа настава им ги овозможува на младите првите чекори во критичко преиспитување на нормите врз кои се напластува родовата нееднаквост, односно, поредокот кој нормализира многу облици на родово базирано насилство, особено структурно. Оттука, речиси е очекувано дека тие кои се на некој начин адаптирани или привилегирани во таквиот поредок, гледаат проблем во тоа да биде доведена во прашање неговата „даденост“ и оправданост. Како понатаму ќе варира аргументот на противење кој произлегува од потребата да се задржи постоечкиот систем на подреденост на сите кои се според патријархалните критериуми се инфериорни, веројатно не е ни многу важно. Она што е поважно е дали ние како општество ќе дозволиме и натаму училиштата да бидат места во кои учениците не се омоќуваат за размислување во врска со фиксноста на традиционалните родови норми и родовиот поредок и за дејствување кон тоа да се надминат штетните последици кои тие ги предизвикуваат. Оваа шанса не е важна само за девојчињата кои сѐ повеќе подлегнуваат на медиумската машинерија што им диктира што значи да се биде „идеална“ жена и кои, во споредба со момчињата, почесто се во улога на жртва на сексуално насилство, рана сексуализација и објектификација. Таа е сигурно еднакво важна и за момчињата кои во периодот на адолесценцијата се многу склони на однесувања ризични по здравјето, како употреба на алкохол и дрога, или манифестација на физичка агресија за докажување, а што се засилува дополнително преку притисокот да се стане „вистински“ маж.
Од перспектива на психолог и професорка која предава и предмет посветен на родово засновано насилство – што се случува со лицата кои се жртви на сексуално насилство? Зошто жртвите на сексуално насилство молчат?
Нема дилеми дека сексуалното насилство е трауматско искуство кое предизвикува нарушувања на психичката и физичката добрсостојба. Во зависност од тоа за каков вид се работи и кој е целокупниот контекст, последиците можат да бидат и трајни. Жртвите имаат чувство на крајна немоќ и страв, често поминуваат низ емоционален пекол. За да соопшти такво искуство во средина која априори е скептична, склона кон префрлање на одговорноста и кон релативизирање на намерите на насилникот, на жртвата ѝ треба и храброст, ама и сила да ги издржи последиците кои може да варираат од обвинувања за тоа „во каква положба се довела самата“, до засрамување, застрашување, дополнително насилство и вознемирување, губење на углед, статус или дури и на изворите на егзистенција. Ако ова не се доволни причини за молк, дополнителна е таа дека навистина многу малку случаи на насилство имаат разрешница која значи соодветна санкција за насилникот.
Како ССО може да им помогне на жртвите од сексуално насилство?
Се сеќавате на сведоштвата од Сега кажувам? Ќе се обидам на ова прашање да одговорам користејќи ги сведоштвата и реакциите на нив во јавноста, особено на социјалните мрежи. Наспроти нашата генерална претстава за училиштата како места кои би требало да бидат безбедни за учениците, видовме дека голем дел од приказните за сексуална злоупотреба се одвивале токму во школски контекст. Понатаму, од овие сеќавања видовме и дека речиси и да нема контекст во кој не може да се случи сексуално вознемирување – од јавни простори, приватни простории, до работна средина, универзитет, или која и да е друга институција. Уште попоразителни од увидот во практичната нормализација на сексуалното насилство во животот на девојките и жените, беа честите реакции на исмевање, обвинување, негирање, па и брутално понижување на оние кои се осмелиле да проговорат. Сексуалното образование во голем дел е посветено на разбивање на митовите на кои се потпира и одржува насилството, како и на разбирање на природата на давање сексуална согласност, па затоа е многу веројатно дека паралелно со омоќување на жртвите ќе придонесе и во едуцирање на младите за тоа што е соодветно сексуално однесување а што акт на агресија. Друг, запоставен, а епидемиски вид на насилство многу карактеристичен за училишен контекст е хомофобичниот булинг од кој многу повеќе страдаат момчињата и тие кои се со нехетеросексуална ориентација, но и хетеросексуалните. Ние сме земја во која, според податоците на HBSC студијата, една третина од адолесцените размислуваат за тоа да си го одземат животот. затоа, молкот околу хомофобичното насилство мора да се прекине, а еден од начините тоа да се направи системски е токму преку едукација на младите за сексуалните права.
Дали сеопфатното сексуално образование може да спречи идни „Јавни соби“?
Мислам дека е премногу амбициозно, па и нефер да се очекува дека ќе спречи вакви појави, ама сум оптимист дека и во овој микро-формат во кој се воведува, многу ќе придонесе во тоа да ги отвори младите кон можноста за воспоставувањето на похумани односи меѓу луѓето. Се надевам и дека ќе биде сериозен предизвик на рационализациите на сексуалното насилство и најважно, ќе ги охрабри повеќемина кои се подложени на на злоставување да му се спротистават, наместо да мислат дека „им следува“. Она што е мое искуство од наставата на предметот Род и насилство, кој во дел од содржините се совпаѓа со програмата за сексуално образование (се разбира, адаптирано на возраста и степенот на едукација) недвосмислено зборува за тоа дека на адолесцентите воопшто не им е сеедно дали ваквиот вид поддршка ќе го добијат преку системски организираната едукација или не. Голем дел од студентите се уверени дека недостаток на формалното образование е тоа што се оставени или самите на себе си, или, на некој исклучителен наставник односно психолог или педагог, во справувањето со сексуалното вознемирување, со булингот и на растечките врснички притисоци за правење неавтентични избори, од најбаналните – како, облекување, до преземање сериозни здравствени ризици, како што се популарните опасни „онлајн-предизвици“.
Дали според вас Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има воспоставено отворен дијалог со студентките и студените за да ги охрабри да пријавуваат сексуално насилство?
Настрана прашањето колку доцниме со препознавањето на овој проблем во академската средина, она што повеќе ме загрижува е дали на универзитетот сме создале атмосфера која го поддржува пријавувањето, а уште повеќе, колку ќе биде ефикасно справувањето со сексуалното насилство во такви околности. Ова го велам бидејќи не само што постои огромен јаз меѓу бројот на неискажани и искажани искуства со сексуално малтретирање, туку затоа што многу е веројатно дека е уште поголема диспропорцијата меѓу пријавени и санкционирани случаи. Ако како општество не сме подготвени да дадеме широка поддршка на едукацијата која ќе ги третира овие прашања и ќе ги научи младите што значи и како се дава согласноста, ако на секој чекор го рационализираме трпењето на каква и да е злоупотреба, особено доколку доаѓа од лица кои имаат моќ или позиција на авторитет, ако не сме спремни да ги преиспитаме митовите кои го нормализираат сексуалното насилство, како би било воопшто можно да го спречиме? На моја голема радост, ги препознавам првите посериозни чекори за воспоставување механизми кои ќе им го олеснат пријавувањето на студентките и студентите. Нацрт – етичкиот кодекс на УКИМ кој е во процедура на усвојување е експлицитен во дефинирањето на недозволивоста на сексуалното насилство, а паралелно со тоа, Студентскиот правобранител отворено охрабрува пријавување на ваков вид злоупотреба. Искрено се надевам дека важноста на постапувањето ќе биде приоритет пред штитењето на воспоставениот поредок на премолчување, или, еднакво лошо, пред заштитата на позицијата на моќ на поединци кои ја злоупотребуваат.
Николина Кениг е редовен професор по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Меѓу другите предмети, предава Род и насилство на студентите по психологија и по родови студии. Една деценија е активно ангажирана на креирање курикулуми и материјали за врсничка едукација за сеопфатно сексуално образование, во обука на врснички едуктори, во спроведување формативни евалуации на едукациите и во спроведување научни истражувања од сферата на рово заснованото насилство. Коавторка е на универзитетски учебник за родово засновано насилство и на два прирачника за спроведување сексуално образование наменети за наставници кои реализраат неформална обука во основно образование и за врснички едукатори.
И.С.