Онлајн промоција на книгата „Јас и аутизмот“ – водич за родители

Книгата „Јас и аутизмот“, со поднаслов „водич за преживување за родители на деца со аутизам и посебни потреби“ од м-р Аниса Ејуп Беќировиќ-Трпчевска, ќе има своја онлајн промоција денес, со почеток во 19 часот. Онлајн промоцијата ќе може да се следи на Фејсбук страницата на „Литература.мк“.

Онлајн промоцијата ќе ја води уредникот на изданието Филип Видиновски и ќе разговара со авторката на повеќе теми врзани со делото.

Беќировиќ-Трпчевска како мајка на син со аутизам ќе ги сподели своите искуства и ќе ги посочи начините за среќно и успешно воспитување чија основна цел е безгранична поддршка низ целокупниот живот на детето.

„ Аутизмот како состојба на умот се карактеризира со широк спектар на различности. Никогаш нема да сретнете две личности со ист аутизам. Високофункционалниот аутизам, во чијшто спектар спаѓа и Аспергеровиот синдром, имаат малку полесно секојдневие. Овие лица развиваат говор, поседуваат вештини за самостојно живеење и притоа се исклучително интелигентни и насочени кон една работа во која се беспрекорни. За разлика од нив, нискофункционалниот аутизам не развива говор, при што е можна ехолалија (бесмислено повторување на делови од реченица или цели реченици) или, пак, неразбирливо говорење. Овие лица не развиваат вештини за самостојно живеење и имаат потреба од поддршка низ целиот живот. Сето ова влијае на целокупното семејство, кое неминовно ја губи карактеристиката на типично семејство. Оваа книга е универзален модел за општиот живот на родителите на деца со посебни потреби, но се темели на моите лично преживеани ситуации со нискофункционален аутизам“, вели Беќировиќ-Трпчевска.