Државната матура ќе започне на 5-ти јуни, ќе се полагаат по два екстерни и интерни предмети

Државната матура која требаше да започне на 29 мај, како што беше предвидено, се одлага и ќе започне на 5-ти јуни, ова го соопшти денеска премиерот Зоран Заев, по договорот со Сојузот на средношколци.

Истовремено, дел од договорот до кој дошле, се однесува на тоа да се формира работна група помеѓу Бирото за развој на образованието (БРО) и Сојузот на средношколци, во која ќе се одлучува за кратење на програмите за екстерните испити.

„Групата ќе биде составена од претставници на бирото и претставници на Сојузот и наставници номинирани од Сојузот на средношколци. Со работната група ќе претседава претставник од претседателот на канцеларијата на Владата, и целиот процес треба да заврши некаде до средината на март“, рече Заев.

На матурата ќе се полагаат два екстерни и два интерни предмети. Па така, со ова, како што посочи претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи, ниту еден матурант не би имал проблем при упис на факултетот, тука или во странство, односно, повторно би имал четири предмети кои му се бараат за упис.

Истовремено, дел од решението е, наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и прашањата најдоцна три недели пред денот на испитот, а тие да содржат најмалку 60 и најмногу 100 прашања.

„Зголемување на коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 поени на 9. Првиот екстерен испит (мајчин јазик) да биде сметан за соодветен од страна на сите високо образовни институции во земјава. Државниот испитен центар да го врати испитот по естетика/филозофија како втор екстерен испит во средните уметнички училишта. Универзитетите да објават кои од Листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми“, посочи Ходаи, образложувајќи ги останатите точки од донесеното решение.

Во меѓувреме, тој додаде дека со цел учениците да имаат опција да ги променат своите испити, учениците кои ќе полагаат матура, како што рече, треба повторно да ги регистрираат своите испити, посочувајќи дека тие предлагаат овој краен рок да биде до петок, односно 5-ти март.

Претседателот на Сојузот потенцираше дека тие до Владата доставиле и барање во форма на анекс, поради барањата на учениците, интерните испити да бидат заменети со просекот по тој предмет.

„Сепак, нашите и нивните правни служби рекоа дека ваквото решение е неуставно и правно неизводливо, бидејќи всушност претставува лажирање на резултати. Затоа, во нашите разговори со Владата, изнајдовме решение. Тоа е промена во начинот на добивање на поените за интерните испити. Сега предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивањето на поените. И оценката и просекот ќе учествуваат подеднакво“, додаде тој.

Ваквиот компромис, како што рече Ходаи, е олеснување кое го зачувува квалитетот во образованието и интересот на матурантите, додавајќи дека ова е, како што кажа, заслужено олеснување кое соодветствува на воредните услови во кои се одвива наставата.

„Ние не баравме, како што не обвинуваа – да не учиме. Ние не баравме, како што некои тврдеа – да не полагаме. Баравме да бидеме слушнати, баравме промени кои ќе соодветствуваат на реалните услови во кои се изведува наставата. Со компромисот што го постигнавме, веруваме дека ќе има реално кратење на испитните програми за екстерните испити, а другите елементи дополнително ќе го олеснат полагањето на државната матура при што никој нема да биде оштетен“, вели Ходаи.

Сојузот на средношколци претходно ја бојкотираше наставата. Бојкотот потоа привремено беше прекинат, откако Сојузот достави до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование.