Канадскиот федерален парламент усвои закон со кој постапувањето на Кина кон Ујгурите го третира како геноцид.
„Моментално се спроведува геноцид врз Ујгурите и останатите турски муслимани“, се наведува во предлогот кој канадскиот парламент го усвои со 266 гласови „за“ и 0 гласови „против“.
Парламентот исто така го поддржа предлогот за лобирање на Олимпискиот комитет за преместување на Олимписките игри, доколку Кина не запре со геноцидот.
Целиот кабинет на премиерот Џастин Трудо составен од 35 министри беше воздржан од гласање за предлогот на Конзервативната партија. Сепак, ниту еден либерал не гласал против предлогот.
„Канада сигурно не ги игнорира маките на Ујгурите. Сериозно сме загрижени“, рече министерот за финансии Мајк Гарно и додаде дека тоа јасно и го соопштиле на кинеската влада.
Првите наводи за малтретирање се појавија во 2017 година и оттогаш околу еден милион Ујгури се сместени во повеќе од 400 концетрациони логори.
Обединетите нации (ООН) и разни медиуми известуваа за злосторствата, велејќи дека малцинската група била изложена на сексуално насилство, присилна стерилизација, тепање и други злоупотреби во логорите.
На прес-конференција која ја повикаа конзервативците пред гласањето во текот на вчерашниот ден, една Ујгурка која била ангажирана да предава кинески јазик во еден од камповите во 2017 година, рече дека била сведок на злоупотреба, заплашување, силување и други злоупотреби.
Автономната покраина Синџијанг е најголемата кинеска провинција со претежно муслиманско население составено од членови на турксата ујгурска заедница и етнички Казахстанци. Инаку, во провинцијата се населени околу 10 милиони Ујгури.
Веќе некое време организациите за човекови права се обидуваат да и укажат на меѓународната заедница за проблемот на Ујгурите во Синџијанг, каде милиони луѓе се затворени во „логори за трансформација и доедукација“.
Официјален Пекинг пак, негира дека постојат такви кампови во Синџијанг, а кинеското Министерство за надворешни работи тврди дека станува збор за центри кои се користат исклучиво за стручно образование.