Наставната програма по која учат средношколците речиси и да не делува скратена. Ученици се жалат дека го учат истиот материјал, но сега збиен во 10-минути пократки часови. Оној материјал, пак, што не може да се предаде за време на часот, најчесто е оставен за домашна работа.
„Програмата е скратена, ама тоа не се чувствува по сите предмети. По некои скокавме цели теми, но некои лекциите што претходно се предавале 2 до 3 часа, сега се во еден. Па наместо скратена, нам ни изгледа како зголемена. Но, тука и пристапот на професорите има важна улога“, гласи една од пораките кои пристигнаа до Радио МОФ.
„Првите 10 минути служат за професорите да проверат кој е присутен на час, бидејќи е побитно зошто некој задоцнил една минута од тоа да биде предадена лекцијата, така?! Потоа следат 25 минути на монотонија. Во врска со скратената програма, можам да кажам дека на пример доколу претходно на часот по математика сме решавале задачи од ниско, средно и високо тежинско ниво, сега сме пресреќни ако стигнеме до средното ниво. Исто, доколку претходно часот за вежби ни бил тој после изучени 3 лекции, сега е тој по изучени 6 лекции“, се надоврзува друга средношколка.
За професорката по математика Зорица Кузмановска и нејзините ученици од СОУ „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, скратените 10 минути од часот се голем хендикеп, бидејќи останува кратко време да се долови наставната содржина.
„Цело време брзаме. Ако има потреба од дополнителен час, закажуваме после часови за да се докаже материјалот и да повежбаме“, објаснува таа.
Учебната 2020/2021 година започна со задоцнување, на 1 октомври, а ќе заврши на 10 јуни. 180 денови редовна настава беа скусени на 159 денови, а часовите траат по 35 минути за средните училишта.
Според професорката Кузмановска, часовите се скратиле, иако содржината не е соодветно прилагодена. Поради ова, таа смета дека во вакви процеси, важно е наставниците да бидат директно вклучени, бидејќи тие работат непосредно со учениците.
Недостиг на унифицираност при прилагодувањето на програмите
Ваквите поплаки се забележуваат и во истражувањето на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој на тема „Далечинско учење или далеку од учење”. Иако во него се наведува дека во оваа учебна година наставната програма била прилагодена, процесот бил избрзан, ненавремен и не бил унифициран.
Според наодите на истражувањето, 34% од наставниците добиле адаптирани програми од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, но 51% од нив добиле инструкции, а потоа самите морале да ги прилагодуваат програмите.
„Значителни 13% од наставниците не добиле инстукции и прилагодувањето на програмите го правеле по своја проценка, а останатите 2% дека само добиле насока од Центарот за стручно образование (ЦСО) за тоа како да ги применат постоечките наставни програми. Интересно е што наставниците беа задоволни од инструкциите од страна на ЦСО“, истакна Илија Станковски, програмски директор во здружението.
Недостиг на унифицираност при прилагодувањето на програмите забележале и кај различните наставни предмети. За некои предмети бил само наведен бројот на часови кои треба да се одржат, за некои предмети биле скратени наставните содржини, а за некои спојувани.
„Можеме да забележиме дека најголем дел од процесите за подготовка за новата учебна година се започнати по назначувањето на новиот министер за образование, на крајот на месец август, што укажува на ненавременоста на истите. Од особена важност беше во овој процес активно да бидат вклучени наставниците, особено во делот на прилагодување на наставните програми. На овој начин, сметаме дека наставниците ќе беа навремено подготвени и наставата на далечина ќе беше значително поквалитетна“, смета Станковски.
Повторувањето НЕ е мајка на знаењето
Часовите со вежби и повторување претрпеле најмногу кратења од наставната програма. Се намалиле и помалку значајните лекции. Одлуката за тоа што ќе се крати од материјалот за учење ја носат советниците на Бирото за развој на образование (БРО). Но, по некои предмети каде тие биле помалубројни, се вклучиле и наставници, објаснува Оливер Станојоски, советник во Бирото. Тој посочи дека одредени содржини биле задолжителни и потребни за ученикот да може да премине во следното одделение.
„Пример, по предметот социологија, беа вклучени 4 наставнички и јас како советник. По други предмети, како историја, македонски јазик, математика имаме повеќе советници. Се формира работна група од тие советници и тие одлучуваат за кратењето на програмите“, објаснува Станојоски.
Тој истакнува дека вообичаено во нивната работа вклучуваат надворешни соработници, но бидејќи ситуацијата била итна, по некои предмети ангажирале, по други не.
„Кратењето беше само за еден месец всушност, за 21 наставен ден. Тоа што и часовите се скратија е сепак малку тешко за учениците. Ние ги разбираме, ги сфаќаме. Сите ние сме под притисок, веруваме дека учениците се под силен притисок од пандемијата, но тоа е тоа. Мора учебната година да биде успешно реализирана“, рече тој.
Според БРО, минатата година успешно завршила и покрај сите слабости, а годинава ја оценуваат како поуспешна, бидејќи како што вели Станојоски, започнала посистематски.
„Имаме Национална платформа, се обучија наставници за Мајкрософт алатките, особено „Тимс“. Во секое училиште има распоред на часовите и тие редовно се одржуваат“, рече тој.
Во однос на реакциите дека доцнеле инструкции за наставниците како да ја водат наставната програма, Станојоски вели дека откако Министерството ги донело програмите, тие веднаш ги објавиле на својата веб-страница и испратиле допис до училиштата.
„Можеби некое училиште не си ја завршило работата, не ги информирало. Во секое училиште си има стручна служба која треба да ги информира наставниците. Ние одржавме одредени вебинари преку Едуино. Имаме одговорни советници по училиштата. Секој одговорен советник имаше средби со наставниците од училиштата. Има од 5 до 6 училишта на еден советник. Тоа беше непосредно пред учебната година. Ако тоа го сметаат дека е доцна, тоа е веќе друго“, рече тој.
Станковски, пак, од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој смета дека е потребно следење, евалуација и анализа на секое полугодие. На овој начин, вели тој, би се детектирале предизвиците кои се појавуваат во наставата и навремено би се презеле мерки за да се надминат. Сепак, забележува дека тоа досега целосно не го направило ниту едно училиште.
Покрај ова, тој предлага државата да обезбеди финансиска поддршка и субвенции за техничка опрема што ќе ја користат наставници и ученици. Потоа, техничко и содржинско оспособување на Националната платформа за далечинско учење, но и обучување на наставниците за интерактивно спроведување настава, вклучително и користење неформални алатки и методи.
Емилија Петреска
Насловна фотографија: Teslariu Mihai/Unsplash