Камерман на Медиумската информативна агенција (МИА) беше нападнат за време на денешните протести кои се организираат поради пресудата во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кое се случи кај Смилковското езеро. Ваквата информација ја потврдија и од МИА.
Преку видео во живо на Фејсбук страницата на МИА која го пренесуваше протестот, може да се забележи како одредени лица му приоѓаат на камерманот и потоа го напаѓаат, со што преносот завршува.
На протестот бил нападнат и новинар на „Слободен печат“. Преку нивниот профил на Твитер тие првично информираа дека новинарот бил нападнат од полициски службеник и, како што велат, му бил насилно одземен уредот за снимање и избришани сите видеоматеријали.
Тие потоа се огласија и преку нивната веб-страница каде што посочија дека во мешаницата која настанала за време на потиснувањето на полицијата врз демонстрантите, новинарот бил легитимиран, од како што велат, три лица кои се претставиле како инспектори во МВР и му побарале новинарска легитимација. Но, од „Слободен печат“, додаваат дека тој во меѓувреме ја загубил легитимацијата и им дал лична карта.
„Откако се легитимирал уредно, едниот од нив побарал од него да го избрише снимениот материјал со образложение дека ‘на снимките им се гледаат лицата па потоа некој ќе им ги запали автомобилите’ иако камерата на нашиот репортер цело време беше насочена кон толпата која на моменти фрлаше камења и шишиња кон полицискиот кордон. Поради чувствителниот и тензичен момент колегата Донев постапил по наредбата од полицискиот службеник чија идентификација не била видлива, што пак , ‘Слободен печат’ како редакција го смета за опструкција во извршувањето на професионалната новинарска задача“, стои во статијата на „Слободен печат“.
Протестот кој траеше речиси два часа се одвиваше во тензична атмосфера, откако демонстрантите се судрија со полицијата, додека на крај заврши со фрлање камења врз безбедносните сили.
Со почеток од 13 часот демонстрантите го започнаа протестот од паркот во Чаир, а тој генерално се одвиваше пред Трговскиот центар „Мавровка“, откако кордон од полициски службеници беше поставен на улицата. Протестот според најавите претходно требаше да продолжи до Основниот суд, Собранието, па да заврши кај Владата.
Засега нема официјално потврдени информации дали има повредени лица.
Судот пред неколку дена за случајот изрече три доживотни казни и две затворски казни, од кои едната од 15 години и едната од девет години, додека еден од обвинетите беше ослободен од вина.