Активистите од Зелен фронт против мали Хидроцентрали и Еко Герила преку соопштенија до јавноста реагираат за тоа што делови од Тетово веќе неколку дена имаат проблеми во водоснабдувањето. Тие за оваа ситуација вината ја лоцираат кај малите хидроцентрали кои се градат на Шар Планина.
Проблемот настанал откако свлечиште ги уништило главните цевки за довод на вода од месноста Лешница преку новиот систем за снабдување на градската водоводна мрежа.
„Тетово веќе три дена има проблеми со водоснабдувањето и овој проблем нема скоро да се реши. За жал, се случува она на што Зелен Фронт против малите хидроцентрали уште лани предупредуваше, а тоа е дека уништувањето на природата за профит кога-тогаш ќе им се одмазди на луѓето. Изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските бистри реки не само што трајно ги уништува самите реки и живиот свет во нив, не само што го загрозува водоснабдувањето на луѓето од шарските села, туку, еве и на Тетово му испраќа предупредување кое вели – Стоп за изградба на мали хидроцентрали на шарските реки“, стои во реакцијата на Зелен фронт против мали Хидроцентрали.
Од организацијата велат дека ова е само уште една од повеќето опомени за тетовци, дека посегањето по реката Пена и нејзините притоки предизвикува корист за малкумина, а штета за сите останати.
„Во септември 2020 поради заматување на водата кај каптажата Лешница, предизвикано од копање во самото корито за изградба на хидроцентрала, Тетово имаше отежнато снабдување, во јануари годинава повторно се заматија лешничките води на Пена и повторно тој крак од тетовскиот водовод беше исклучен од системот, за по само еден месец природата да ја испрати и третата опомена“, додаваат од Зелениот фронт.
Здружението Еко Герила пак во отворено писмо до премиерот Зоран Заев предупредуваат дека покрај тоа што со градбата на малите хидроцентрали Владата ги крши Бернската и Архуската Конвенција, со субвенциите за овие објекти се поддржува екоцид со уништување на природата и животната средина?
„Дали сте запознаени дека селата Теарце, Доброште се лишени од правото на вода за пиење од почетокот на изградба на малите хидроцентрали? Тие се принудени да купуваат флаширана вода за пиење. Што имате преземено за овој скандал? Дали знаете дека парламентот на Босна и Херцеговина во септември минатата година донесе закон за забрана на мали хидроцентрали? Дали знаете дека Владата на Црна Гора забрани изградба на мали хидроцентрали? И Албанија исто така. Што се случува со Република Северна Македонија која упорно оди во спротивен правец и грубо ги крши меѓународните конвенции и Уставот. Дали некој ќе преземе одговорност за овој екоцид субвенциониран од страна на Владата? Граѓаните сакаат да знаат каква хипотека имате кај Хидро-мафијата? Алчноста за пари не може да биде над здравјето на луѓето и животната средина“, напишаа од Еко Герила во својата јавна реакција.
Радио МОФ овој месец веќе пишуваше подетално на оваа тема. Нашиот текст може да го прочитате на линкот во продолжение:
Малите хидроелектрани закана за Шара, но и за водата за пиење на тетовци