Пред повеќе од една година македонската јавност дозна за „Јавна соба“, затскриено ќоше во локалната интернет сфера. Токму во јавната соба, на подол начин беа изнесени најприватните интимности на број девојчиња, девојки и жени. Но како и секое чудо, така и вниманието на јавноста траеше три дена, пред да се префрли на друга тема. Денес, „Јавна соба“ сè уште го замрачува македонскиот интернет простор. И по една година клучот не е пронајден, а сè повеќе жени го споделуваат своето искуство.
За да го слушнете подкастот, кликнете на линкот подолу:
Една од нив е и адвокатката Марта Гусар. Таа најпрво не ни знаела дека нејзини фотографии се споделени во тајната група сè додека на нејзиниот службен број не започнале да пристигнуваат пораки во кои се барале дискретни средби.
„Не знаев, не очекував, не знаев со оглед на тоа што телефонскиот број ми е регистриран на адвокатска канцеларија, така што не ни можев да помислам дека сум дел од „Јавна соба“, за последниот контакт кој што ми пиша, па тогаш веќе да почнам да реагирам затоа што веќе ми беше јасно – беше експлицитно од мене побарано дискретна средба, дека е споделен мојот број за да можам да реагирам, да пријавувам. А конечно дознав дека сум дел од „Јавна соба“ дури по истек на повеќе од 20 дена“, вели адвокатката.
Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини вели дека пред една година, кога се открило за случајот „Јавна соба“ имало реакции од јавноста и институционална поддршка, со ветување дека случајот ќе се реши, но и по една година сè уште не е завршена истражната постапка.
„Oткако повторно излегоа сведоштва на жени жртви на случајот „Јавна соба“, како и сведоштва на жени кои се обратиле во полиција меѓутоа не им бил обезбеден соодветен пристап и доверба. Информациите кои што ги имаме ние се истите информации што Министертвото за внатрешни работи и Обвинителството ги споделија со јавноста. А тоа е дека сè уште истрагата е во тек, дека имаат осомничени лица меѓутоа само за делото Производство и пуштање во јавност детска порнографија, меѓутоа не и за останатите лица. Значи немаме уште обвинителни акти“, истакнува Дрндаревска.
„Јавна соба е кривично дело“ беше мотото на протестот за преземање институционални мерки. Протестот се одржа на 3 февруари, а стотици активистки и активисти излегоа да го покажат својот револт. Толпата се собра пред Министерството за внатрешни работи, а потоа се упати до Јавното обвинителство. Токму таму, адвокатката Гусар и за прв пат го сподели нејзиното сведоштво за „Јавна соба“.
„Навистина не мислев дека јас можам да се најдам таму и откога се најдов, сфатив дека секој може да биде дел од „Јавна соба“ во буквална смисла на зборот и никој нема да биде заштитен – „мене нема да ме има“ и по принцип „мене тоа не ми се случува“, нагласува таа.
Иако „Телеграм“ ја заклучи Јавна соба по барање на институциите, тоа не ги спречи членовите да излезат од старата и пак да отворат нова група. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски вели дека материјалот за „Јавна соба“ е доставен до надлежните обвинителства за натамошно постапување.
„Во врска со случајот „јавна соба“ беа приведени четири лица од кои беа одземени мобилни телефони и лап топ компјутери кои беа предмет на вештачење на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Вештачењето е завршено и материјалот е доставен до надлежните обвинителства за натамошно постапување. Групата „Jавна соба“ беше затворена од страна на платформата „Телеграм“, а Секторот за компјутерски криминал постапува за детектирање на други лица кои беа членови на оваа група, но и членови на нови помали групи кои се формираа по затворањето на „Jавна соба“. Исто така, по наредба на Јавното Обвинителство беше постапено и беа приведени две лица во врска со минатогодишниот случај „Jавна соба“, и на нив им е одредена мерка притвор“, вели портпаролот на МВР, Ангеловски.
По протестот во февруари, платформата за родова еднаквост одржа и неколку протестни прес конференции пред МВР и Јавното обвинителство, а помеѓу барањата испратени и до Советот на јавните обвинители беше и професионалното постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на надлежните институции. Од МВР пак, велат дека полициските службеници постапуваат по сите пријави за вакви случаи и согласно законот ги преземаат соодветните мерки и активности за расчистување на случаите.
„На пример дечко и девојка, не знам, снимале некакви такви содржини, ќе ја раскинат врската и после тоа дали од освета или од некои други причини и побуди едно од лицата го пласира тој материјал – дали до роднини, дали по тие мрежи тие „Порнхаб“ не ги знам тие таму. И на тој начин фактички, прави кривично дело. Имавме низа такви случаи, имавме уцени, имавме пред некое време приведено лице кој ја уценувал девојката во „Тренд“ во кафичот го приведовме. Девојчето пријави дека ѝ се заканувал дека ако не ја продолжи врската и ако не му даде пари, ќе ги прати материјалите до роднини на социјални мрежи. Ѝ се дадоа обработени пари, па кога ги прими парите во моментот, во тој момент го приведовме“, истакнува тој.
На 08 Март е закажан втор протест за „Јавна соба“ овојпат под мотото „Држава што не постапува е држава што силува“. Дрндаревска вели дека на надлежните институции им бил даден рок до 08 Март да преземат мерки за нивните барања.
„Нормално, свесни сме дека овие барања не можат да се испорачаат во рок од 2-3 недели, но во тоа време навистина може да се направи нешто со кое што ќе направи нешто дека барањата се земаат за сериозни и се работи на нивна реализација. Меѓутоа поради цела оваа ситуација, ние решивме и Осмомартовскиот марш да го посветиме повторно на потребата за системска заштита од родово засновано насилство бидејќи со години гледаме дека тоа не се случува“, вели Дрндаревска.
Сепак, Дрндаревска се согласува дека проблемот не се решава само со воведување на нови закони, туку и со институционална ажурност. Таа вели дека законската рамка не е толку лоша, колку што од другата страна стојат неспособни, партиски и машки институции.
„Повторно се случуваат протести и истрагата е во тек, така што јасна е неажурноста, неефикасноста и непрофесионалноста на институциите, меѓутоа би рекла и генерално недостаток на политичка волја и неразбирање на проблемот со родово засновано насилство сè уште неразбирање како општествен проблем како нивна одговорност“, додава таа.
Адвокатката Марта Гусар вели дека е започната правна постапка против лицата кои ги споделиле нејзините лични податоци. Таа додава дека ја почнала правната постапка како заплашување за сторителите, но ќе продолжи докрај за тие да знаат дека нивните постапки имаат последици. Сепак, Гусар смета дека начинот на кој институциите ја водат битката против „Јавна соба“ е катастрофален.
„Сè додека треба да има притисок за да се случи, за да се преземат дејствијата и институциите да почнат да работат, институции во кои што треба да имаме верба сите, во тој случај кажувам дека сè уште е на многу ниско ниво преземањето на дејствијата и битката која што ја водат – институциите малтене и не ја водат битката, него ние ја водиме и со институциите и со членовите на „Јавна соба“, објаснува Гусар.
Дрндаревска пак смета дека не постои едно единствено решение на овој проблем и доколку мерките за намалување на сексуалното насилство и насилството врз жени не резултираат со сторители во затвор, пораката кон јавноста ќе биде дека ова е несериозно дело, дека не е кривично дело и дека може да се помине неказнето.
„Значи, ни требаат насилници во затвор каде што им е местото и согласно кривичниот закон и ни треба правда за жртвите. Тоа е правда за една жртва, доколку сторителот го ставиш во затвор, понатаму жртвите имаат право и на надомест на штета, жртвите на родово засновано насилство, меѓутоа додека Обвинителството и МВР, односно кривичниот прогон не е на највисоко ниво помалку ќе бидат успешни и оние интервенции и преку образованието, преку медиумите, преку системот на социјална заштита. ССО во своите компоненти ја има компонентата на насилство, меѓутоа истовремено учи на родова еднаквост, прифаќање на различностите на сите луѓе поврзани со родот и сексуалноста и родовиот идентитет, меѓутоа и со другите основи и оттука е неопходен предуслов за градење на едно општество во кое што насилството не е толерирано“, вели Дрндаревска
На 08 март во 15 часот попладне ќе се одржи и вториот протест за „Јавна соба“ каде ќе се побара расчистување на случајот и ефикасно, ефективно и професионално постапување во случаите на родово засновано насилство. Ќе биде побарано и да се отфрлат личните предрасуди, непотизмот и корупцијата, но и солидарност со жртвите, наместо насилниците.
Ивана Смилевска