Стотици граѓани излегоа денеска на петтиот Марш за женски права по повод Меѓународниот ден на жената, кој се одржува под мотото „Држава што не постапува е држава што силува“. Тие се собраа пред Министерство за внатрешни работи, од каде со скандирање „Разбуди се МВР! Разбуди се ОЈО!“се упатија кон Паркот Жена Борец.
Во своето обраќање на самиот почеток на маршот, Марија Савовска, ја прочита пресудата кон институциите на овој марш кој се прави во поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство.
„Виновни се за соучество во злосторство сите кои имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда безбедност и заштита на личната сигирност и животот на жените и девојките , а не го прават тоа. Сите кои се овластени да ги откриваат спречат, гонат и затвораат насилниците, а не го прават тоа. Сите кои се овластени, должни и платени да обезбедат услови и поддршка на жртвите да преземат контрола врз сопствените животи, а не го прават тоа. Сите кои помогнале во опстојување на криминалот и предизвикале штета свесно или несвесно, а не смееле да го направат тоа “, истакна Савовска.
Таа побара контрола и затвор за насилниците и даде поддршка за жените и девојките жртви на насилство.
„Ние сме тука, ве следиме и нема да ве оставиме на раат“, истакна таа пред Министерството за внатрешни работа, повикувајќи го институциите да постапуваат свесно и совесно кога имаат случаи со родово базирано насилство.
Маршот за правата на жените се одвива според однапред определена рута, претходно најавија од Платформата за родова еднаквост, независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 24 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост.
Претходно, Платформата упати барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски на 8 март од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на овогодинешниот марш.