[Видео] Осмомартовски марш низ Скопје за права, рамноправност и институционална грижа

Жените во Македонија се маргинализирани, учат да живеат како жртви, имаат оправдан страв дека ако пријават насилство, институциите нема да постапуваат. Осми март не е Ден на жените што се оствариле како родители, туку е ден на борбата на жената да си го најде своето место во општеството.

Ова се само дел од работите на кои се осврнаа жените што денеска излегоа на Осмомартовски протест низ Скопје, за да побараат слобода, рамноправност, одговорност и институционална грижа за сите жени кои се маргинализирани, стигматизирани и се жртви на насилство.

Петтиот Марш за женски права годинава се одржа под мотото „Држава што не постапува е држава што силува“, како реакција на игнорантскиот однос на институциите кон жените жртви во случајот „Јавна соба“, но и надвор од неа.

Жената останува жртва на патријархатот, заклучи во својот говор во Паркот Жена Борец, Леа Јаначковска.

„Со непостапувањето на институциите, луѓето си даваат за право да прават што сакаат бидејќи знаат дека нема да има никакви последици. Ова е цел циклус, и не се виновни само институциите, туку сите кои продонесуваат за проблемот и не постапуваат никако за тој да може да се реши“ , истакна таа и додаде дека на младите им е потребно сеопфатно сексуално образование.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

„Кога ќе си ги научиме правата, учиме да ги почитуваме и правата на другите“, рече таа.

Младата Сибел Бајрам пак се осврна на ситуациите со кои се соочуваат жените Ромки.

„На жените Ромки трипати им е потежок пристапот до нивниот таканаречен спектар на загарантирани права, бидејќи каде и да отидеме ние наидуваме на затворени врати, намуртени лица, дискриминација и секако невреднување на нашиот труд, образование, професионалност. Ромите се една од најмаргинализираните групи“, истакна таа во својот говор.

Бајрам додаде дека сепак, Роките одат напред во 21 век.

„Жените сакаа и заслужуваат еднаква иднина, ослободена од стигми, стереотипи и насилство, иднина која е мирна, одржлива, со еднакви можности за сите“, истакна таа.

Елена Данова пак се осврна на работата со младите и нивните проблеми.

„Насилството врз жените е секојдневие кое ние уште од мали нозе го трпиме и се учиме како да живееме со тоа да бидеме жртва. Во ова наше македонско општество жените имаат избор, да научат да бидат жртви и да живеат со тоа, или во спротовно, овој систем ќе ги уништи. Сите ние имаме научено да живееме со тоа да бидеме жртва, ама веќе доста ни е и навистина сме бесни и не смееме да дозволиме ниту минута повеќе да го трпиме секојдневното насилство што ни се случува“ рече таа при што доби силна поддршка од присутните на маршот.

Маршот почна пред пред Министерство за внатрешни работи, од каде со скандирање „Разбуди се МВР! Разбуди се ОЈО!“, но и „ „Држава што не постапува е држава што силува“ се упатија кон Паркот Жена Борец.

Петти марш за женски права – Разбуди се МВР! Разбуди се ОЈО!

Маршот беше организиран од Платформата за родова еднаквост, независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 24 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост. Претходно, тие упатија барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски за време на маршот, за да можат да присуствуваат на него.

Ј.Ј./Е.П.