Во Арачиново не се плаќа данок на имот, а општините просечно наплатуваат по 81% покажува истражување на ЦГК

Општините во Северна Македонија просечно наплатуваат по 1,3 милијарди денари данок на имот од граѓаните и фирмите годишно, односно 21 милион евра. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кои ја објавија базата на податоци на пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година.

Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70%, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30%. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85%, а кај фирмите се наплатува по 78% од пресметаниот данок.

Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија.

Покрај Општина Арачиново, најниска просечна наплата на данок на имот имаат и општините Маврово и Ростуше (27%), Студеничани (32%), Долнени (34%), Центар Жупа (36%) и Гостивар (40%). Највисока наплата бележеле општините Росоман (126%), Ресен (110%), Пласница (107%) и Пробиштип (106%).

Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.

Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %.

 

Инаку, стапките на данокот на имот се утврдени во член 3 од Законот за даноците на имот и тие се пропорционални и изнесуваат од 0,10 % до 0,20 % од пазарната вредност на имотот. Висината на стапките, со одлука, ја утврдува советот на општината и Советот на градот Скопје.