Воената хунта во Мајанмар вчера ги откажа лиценците на пет локални медиуми, односно на „Mizzima“, „DVB“, „Khit The Media“, „Myanmar Now“ и „7Day News“, јавува „Евроњуз“.
Тие веќе „не смеат да емитуваат, пишуваат или пренесуваат информации со користење на било каков вид медиумска платформа или со користење на било каква медиумска технологија“, изјавија од хунтата на државната телевизија. Сите пет медиуми нашироко ги покриваа протестите, честопати со видео-пренос во живо преку интернет.
Во канцелариите на медиумот „Myanmar Now“ беше извршена рација непосредно пред објавувањето на одлуката.
Од „DVB“ изјавија дека не се изненадени од одлуката и дека ќе продолжат со емитување преку сателитска телевизија и интернет.
„Загрижени сме за безбедноста на нашите репортери и вработени, но за време на сегашната побуна, целата земја стана граѓански новинар и не постои начин воените власти да го затворат протокот на информации“, изјави извршниот директор на „DVB“, Ај Чан Наинг.
За време на пучот, властите задржаа десетици новинари, вклучително и репортер на „Myanmar Now“, како и на репортер од „AP“. Двајцата се обвинети според Законот за јавен ред кој предвидува казна затвор до три години.
Затворањето се случува во време кога продолжуваат масовните протести против полицискиот час кој почнува во 20 часот.
Демонстрантите во најголемиот град во Мјанмар синоќа излегоа да изразат поддршка за околу 200 студенти кои се заробени од безбедноснисте сили во една од населбите во градот. Студентите и други граѓани претходно учествуваа во еден од многубројните протести низ земјата против воениот пуч. со кој беше симната избраната влада на Аунг Сан Су Чи.