Над 1.200 музичари и членови на шест сродни музички здруженија денеска упатија ултиматум до Владата до петок (12 март) да им одговори на барањата за олеснителни протоколи за работа, обештетување со сума-помош од 43.000 денари, но и прием во Министерството за култура, со цел да си ги кажат проблемите и да се дадат најдат предлози за нивно надминување. Во спротивно, велат тие, ќе бидат принудени во време на пандемија нивните права да ги бараат на протест.
Шесте здруженија веќе меѓусебно потпишале Меморандум за соработка, а во Координативното тело се вклучени ЗУПМ – „Музика Сега“, Здружение на Естрадни Уметници – Скопје, „Охридски Музички Еснаф“, „Естрада“ – Битола, „Естрада“ – Струмица и Сојуз на професионални музичари –Скопје.
„Слушнете го молкот на музичарите! Нашиот молк е потврда дека музичарите навистина ја разбираат состојбата во која се наоѓа целиот свет, како и нашето општество и држава. Тој молк воедно е и крик кој треба да го слушнат сите, а пред се’ оние кои неправедно оваа група на граѓани ја имаат заборавено и ставено на маргините“, изјави Трајко Симоновски од „Музика сега“ во име на сите здруженија.
Тој на прес-конференција во „МКЦ Ресторан“ потенцираше дека музичарите и воопшто музичките работници, беа меѓу првите кои ги почувствуваа последиците од, како што вели, оправдано донесените мерки за сузбивање на пандемијата, кога меѓу првите добија забрана за извршување на дејноста.
„Некои наши колеги беа принудени да ги продадат своите инструменти, или да бараат во очај начин за заработка во други струки кои немаат никакви допирни точки со музиката. Состојбата кај голем број музичари е трагична и алармантна!“, потенцираше Симоновски.
Пандемијата сѐ уште трае, вели тој, а уметниците под забраната за активност се оставени без работа, без ангажман, без основни приходи, без најава за евентуални настапи со пропишани протоколи.
„За волја на вистината, некаде пред летото беа донесени протоколи за одржување на културни настани, меѓу кои и за музичките, но истите се однесуваа строго на настани организирани од продукциите и други чинители како дел од евент индустријата и на истите, шанса и простор за настап добиваа изведувачите од соседството на сметка на домашните кои останаа без настапи“, забележа Симоновски.
Последниот предлог од угостителите до Комисијата за заразни болести, посебно точката каде се бара настаните да се одвиваат без жива музика, ја окарактеризира како крајно разочарувачка и барат таа да се избрише.
Предлогот, вели тој, дополнително ги ставив во подредена улога и ги минимизира струката и трудот на музичарите, кои смета дека се еден вид живо културно наследство.
„А, стравот и револтот кај нив се огромни, верувајте! И тоа е сосема оправдано. Неизвесноста се претвора во страв, а стравот во револт. Страв дека би останале и без досегашната помош од државата, покрај забраната сами да заработат за себе и семејствата“, вели тој.
Симовски е дециден. Како фела никако не можат да се пронајдат во 5-от пакет мерки на Владата и се една од најпогодени гранки во државата, притоа имаат забрана за дејност од безмалку 12 месеци и една добредојдена помош од 43.000 денари, дадена за два месеци.
„Бараме од Владата да не’ обештети со сума еквивалентна со претходната дадена помош најдоцна до крај на месец март. Ова наше барање не е никаков ‘хир’, туку реална надокнада, за што побезболно да ги покриеме основните режиски трошоци кои за нас се од основно егзистенцијално значење“, рече Симовски.
Пред новинарите негираше дека доцнат со барањата, туку се во константни преговори и бараат информации од Владата, но кога ќе ги добијат вообичаено се „неформални и добиени на мала врата“.
Ја коментираше и точката 15 од минатата јуни oбјавена во Службен весник за „Забрането организирање на музички настани со отворен и затворен дел од објекти и уредбата за гласност на музиката до 55 децибели“.
„Бараме таа да се укине и да се донесат соодветни, унифицирани, стратешки препораки, односно протоколи за работа кои нема да бидат дискриминирачки во однос на музичарите. Шесте здруженија имаат подготвено предлог-протоколи кои ќе бидат предложени и доставени до министерот за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести“, рече Симоновски.
Корона-кризата очигледно ќе трае, нагласува тој, па оттука е и барањето за средба во Министерството за култура.
„Владата уверува дека се бори за секое работно место и оваа група на граѓани го заслужува истото, иако нивниот статус, не по нивна вина, сѐ уште стои како недефиниран во досегашните законски рамки“, наведува тој.
На прашањето на Радио МОФ дали најавените рестрикции и полицискиот час би ја усложнила нивната ситуација, тој дава негативен одговор. Кога нема да има полициски час, уверува Симоновски – ќе излезат да протестираат.
„Морате да разберете дека ние секако ќе се придржуваме до протоколите, но ние сме доведени до ситуација да немаме што понатака. Ние не калкулираме со ништо, имаме нула од едната страна, и било што од другата“, констатира тој.
Бојан Шашевски