Учениците од основното училиште „Јан Амос Коменски“, од Општина Карпош ќе бидат дел од еко – проект, чија главна цел е зголемување на зелениот фонд во општината, преку забрзување на растот на растенијата.
Тие ќе ја истражуваат бојата на светлината која најмногу го поттикнува растот на растенијата. Станува збор за проект за кој училиштето доби грант од 110.000 денари од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Под менторство на наставниците Александра Блажевска и Дијана Ханџиска, учениците ќе применуваат метод на учење преку истражување, со што тие ќе се постават во позиција на искуствено учење кое според научниците дава најдобри резултати во создавањето на трајни знаења.
Паралелно, учениците ќе стекнуваат знаења и за другите појави и процеси, како температурата, влажноста, видот на почвата, тревата и сл.
„Со овој тип на активности, и во услови на пандемија и комбинирана настава во училиштата, дополнително ќе се развива критичкото учење и тимската работа меѓу најмладите и наставниот кадар“, велат од Општина Карпош.
Оттаму додаваат дека преку вклучување на најмладите во вакви проекти придонесува за создавање на трајни навики, за правилен однос кон природата, управување со отпадот, како и зачувување на зелените површини.