Технички проблем ги заглави новите дозволи за движење во полициски час

Неколку часа пред најавениот полициски час кој почнува од 22 часот, нема можност да се извадат нови дозволи за движење на правни лица и на вработени во фирми, откако на порталот за услуги се појави технички проблем поради кој не може да се симне барањето за пополнување на ваква дозвола. Дека се запознаени со проблемот за Радио МОФ потврдија и од Владата.

Дозволата за движење за правни лица и вработени во фирмата, како што информираа од Министерството за информатичко општество и администрација претходно, се однесува на вработените во институции, медиуми, пекари и бурекџилници, погребални претпријатија, аптеки и приватни здравствени установи, а истата ја поднесува раководителот, директорот или овластеното лице.

На порталот каде што ја има услугата, како контакт број за повеќе информации се посочува Кабинетот на МИОА. Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со институцијата неколкупати во текот на денот, но безуспешно.

Моментално не може да се поднесе барање ниту за Дозвола за движење за физички лица кои обезбедуваат нега на трето лице, старо и изнемоштено лице. Истовремено, може да се забележи дека постои проблем и со останатите услуги на порталот.

Инаку, од дозволите за движење кои министерството ги издаде во текот на минатата година, продолжуваат да важат само дозволите издадени на барање на правни лица и институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби. Сите физички лица кои ја добиле дозволата за службена цел, како што информираа од МИОА, може да ја отпечатат од својата мејл адреса.

За прекршување на полицискиот час предвидена е парична казна или затвор до една година за физички лица, и парична казна до 30 милиони денари за правни лица.

Полицискиот час кој стапува на сила вечерва од 22 часот ќе трае до 5 часот наутро, се до 22 март, поради состојбата со коронавирусот.

Полициски час од утре во 22 до 5 часот наутро две недели, одлучи Владата

М.К.