Шефот на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш повика на итно собирање на 5.5 милијарди долари за да се спречи пропаст на 34 милиони луѓе во повеќе од 30 земји кои се на чекор од масовна глад поради војните, додека шефот на Светската програма за храна предупреди дека 270 милиони луѓе во светот годинава се соочуваат со „криза на глад“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
На состанокот на Советот за безбедност на ОН, Гутереш рече дека повеќе од 88 милиони луѓе страдале од „акутен глад“ на крајот на 2020 година, поради конфликти и нестабилност, што е за 20 отсто повеќе од претходната година и дека „проекциите за 2021 укажуваат на продолжување на овој застрашувачки тренд“.
Извршниот директор на Светската програма за храна Дејвид Бисли рече дека лидерите одговориле на неговото предупредување до Советот за безбедност пред една година, кога светот беше на работ на пандемијата со Ковид-19 и „пандемијата на глад“, што може да турне во „изгладнување“ не само на тогашните 135 милиони луѓе, туку и на 270 милиони луѓе, што годинава ќе ги доведе до „глад од библиски размери“ во повеќе од триесет земји.
За жал, Бисли вели дека „она што претставуваше загриженост во 2020 година, во 2021 година е реалност“ поради новите бранови на Ковид-19 и затоа тоа што економиите сè уште не се вратија во нормала.
„Значи, денес морам да ве предупредам дека повторно се лизгаме кон работ на бездната“, рече тој, потенцирајќи дека сега 270 милиони луѓе се соочуваат со криза на глад.
И Гутереш и Бисли нагласија дека сегашната и претстојната криза со глад се главно предизвикани од конфликти и дека затоа е можно да се спречат.
„Климатските шокови и пандемијата со Ковид-19 само го разгоруваат тој пожар“, рече Гутереш.
Тој предупреди дека „ако нема итна акција, милиони луѓе ќе дојдат на работ на екстремен глад и смрт“, посочувајќи на проекциите кои покажуваат дека кризите со глад ескалираат и се шират низ Сахел и Африка, а се забрзуваат во Јужен Судан, Јемен и Авганистан.
Во некои земји, Гутереш рече дека „гладот е веќе таму“ и дека „луѓето умираат од глад и страдаат од критична стапка на неухранетост“.
„Делови од Јемен, Јужен Судан и Бургина Фасо се погодени од глад или услови слични на глад. Повеќе од 150.000 луѓе таму се изложени на опасност од умирање од глад“, додаде тој.