Дел од корисниците на „Нетфликс“ добиле предупредување од платформата преку кое „Нетфликс“ се обидува да го спречи користењето на еден профил од повеќе корисници, известува „Индепендент“.
„Доколку не си регистрираниот сопственик на овој профил, тогаш потребно е креирање на сопствен профил“, било истакнато во автоматската порака од платформата.
Од компанијата велат дека овие мерки засега се ограничени.
„Оваа тест мерка е создадена за да се осигураме дека луѓето ја користат платформата преку лични профили“, изјавил портпарол од „Нетфликс“.
Откако авторматската порака е испратена до корисникот, тој има опција да го потврди својот идентитет преку електронска пошта или СМС, или едноставно да ја одбере опцијата „потврди подоцна“.
Според правилата за користење на стриминг платформата, еден профил не треба да се споделува со корисници надвор од домаќинството.
Ова е првиот посериозен чекор кој платформата го презема за да го спречи делењето на профили.
„Споделувањето на лозинките е нешто кое се трудиме да го прифатиме, бидејќи споделувањето на лозинката во едно домаќинство е очекувано“, изјавил извршниот директор Рид Хејстингс во 2016 година.
„Нетфликс“ брои над 203 милиони корисници глобално, но скоро 40 отсто од американските корисници велат дека ја користат платформата преку профили кои не се регистрирани на нивно име.
Според резултатите од јавна анкета објавена во фебруари од „ЛендингТри“, над 70 отсто од анкетираните одговориле дека ги споделуваат нивните лозинки и „Нетфликс“ профили со други лица.