Задолжителна заштитна маска, редовна дезинфекција на рацете и каљачи на обувките на попишувачите при влегување во домовите, се дел од превентивните мерки кои се споменуваат во Протоколот што го подготви Министерството за здравство за спроведување на претстојниот Попис на населението.
Попишувачите ќе треба да влезат во секое домаќинство, што значи дека физичките контакти се неминовни. Но, се препорачува да се искористи секоја можност попишувањето да се одвива на отворен простор како двор или тераса. Покрај ова, во овој документ се нагласуваат следните превентнивни мерки:
– Задолжително носење заштитна маска (KH95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето.
– Задолжително одржување на пропишаната дистанца (1.5-2 метра) за цело времетраење на попишувањето во домот.
– Се забранува вадење, поместување и менување на заштитната маска додека трае попишувањето во домот.
– Се забранува пиење и јадење додека трае попишувањето во домаќинството.
– Користење средства за дезинфекција на рацете при влегување и при излегување од домот.
– Надворешна дезинфекција на лаптопот пред влегување и по излегување од домаќинството.
– Доколку постојат услови, треба да се искористи секој можност за попишување во двор, на тераса, веранда со задолжително носење маска и држење дистанца.
– Пред влегување во домаќинството, попишувачот задолжително да стави каљачи на обувките.
Попишувањето на лицата кои во периодот на спроведување на Пописот се позитивни на Ковид-19 и во домашна изолација ќе биде посебно организирано и следено. Нивниот број ќе се следи на дневна основа.
„Државниот завод за статистика во соработка со Управата за електронско здравство „Мој термин“ ќе ги добива списоците за позитивни лица, на дневна основа, со нивна адреса, ЕМБГ и телефонски број. Лицата чија изолација ќе започне на 1 април 2021 година, изолацијиата завршува во деновите на траење на Пописот, попишувачот ќе ги посети по завршувањето на перидот на домашна изолација. Лицата кои се поизитивни на Ковид-19 и кај кои изолацијата нема да заврши на времетраење на пописот, ќе бидат телефонски контактирани и ќе се договорат условите за попишување со добивање податоци од некој нивни близок кој не е во изолација, а ги знае сите податоци“, се наведува во Протоколот.
Првата фаза од пописот на населението започнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Следната фаза ќе се одвива од 1 април до 21 април.
Во секој од домовите ќе оди по еден попишувач, освен во средините каде има повеќе етнички заедници. Пописот ќе се спроведува на 7 јазици. Попишувачите со себе треба да носат лаптоп, а граѓаните ќе треба да одговорат на речиси 60 прашања.
Добиените податоци ќе се испраќаат до Државниот завод за статистика, а при тоа ќе се вкрстуваат со други бази, меѓу кои и на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Катастар и Агенцијата за вработување. Прашалниците со лажни податоци, пак, ќе се одбиваат и дополнително ќе се проверуваат.