Музичарите бараат појаснување за планот за нивно вклучување во активните мерки за вработување

Музичарите од шесте музички здруженија реагираат на изјавите на вицепремирот за економски прашања Фатмир Битиќи дека нивните барања доставени до Владата се неприфатливи и со вчудоневидување ја примија информацијата дека добиле понуда за вработување преку активните мерки, како и дека се „категорија луѓе кои биле надвор од системот“.

„Во никој случај музичарите кои државава не успеала да ги интегрира во системот и формалната економија изминативе 30 години, не се виновни. Виновен е тој што не ја имплементирал оваа гранка и оваа категорија на граѓани како чинители во формалната економија. Во нашите дописи и барања изминатиов период до Вас како Влада и посебно до Министерството за култура е напоменато, дека за овој проблем со кој се соочуваме долги години имаме и изнајдено решение од кое и ние (музичарите) и државата би имале заеднички бенефит. Но, за жал веќе подолго време немате слух за овие наши барања и сѐ уште чекаме да нѐ примите, како заеднички би ги разгледале нашите предлози и понатаму би ги интегрирале како решение за оваа категорија на граѓани“, велат музичарите.

Тие бараат поконкретни информации што би значело тврдењето за „преку активните мерки за вработување да се вклучат на пазарот на трудот.

„Единствена понуда која е дадена од Ваша страна е 11-тата точка од 5-тиот пакет мерки, која за нас е неприфатлива и не коренсподира со реалноста. Нѝ беше споменато дека ќе нѐ ангажираат на прослави на државни празници, можеби локални настани, online концерти и толку. Ние секако одговоривме дека од нашите 1400+ членови, преку овој систем, би биле ангажирани мал процент на луѓе, вообичаено тие кои и онака настапуваат веќе по кампањи кои се во организација на Владата што секако не е проблем сам по себе.Проблем е дека голем број од членовите нема да свират и така нема да добијат хонорар и средства за да го преживеат овој тежок период. Затоа веднаш посочивме, дека ова може да е дел од помошта за многу мал процент (1 или 2 %) на музичари, но никако на целата фела“, велат музичарите.

Додаваат дека местото на музичарите не е на протести на улица, туку на сцената каде, како што велат „ и повеќе од потребно е да влијаеме на веќе лошата психолошка и ментална состојба на народот и да ја подобриме преку тоа што најдобро го знаеме, а тоа е МУЗИКАТА“.

Музичари од шест здруженија бараат протоколи, обештетување и средба со Владата или ќе излезат на протест