Небото над Пекинг доби морничава портокалова боја откако песочна бура се спои со веќе големото загадување на воздухот, пренесува Гардијан. Па така, граѓаните патуваа до својата работа низ густиот, мрачен воздух во главниот град на Кина и подалеку на запад.
#Sandstorm hits Beijing amid morning rush hour, have not seen this in past ten years. pic.twitter.com/FTUfw2Zxe1
— Shen Shiwei沈诗伟 (@shen_shiwei) March 15, 2021
Кинеските метеоролошки власти го издадоа второто највисоко ниво на тревога нешто пред 7:30 часот, па до пладне. Пошироко предупредување за дување песок и прашина од западните пустински региони е ставено во сила до утре наутро.
Додека индексот на квалитетот на воздухот во Пекинг во реално време (AQI) покажа 999, Токио забележа 42, Сиднеј 17 и Њујорк 26. Соседните Хонг Конг и Тајван, пак забележаа „умерена“ бројка од 66, односно 87.
Нивоата на PM2.5 достигнаа над 600 микрограми во многу делови на градот. Светската здравствена организација препорачува просечна дневна концентрација од само 25.
People are recording the sand storm this morning in #Beijing… #weather pic.twitter.com/enmPjY8NrM
— Jinfeng Zhou (@Zhou_jinfeng) March 15, 2021
Песочната бура од пустината во внатрешна Монголија забележа концентрации на поголемите честички ПМ10 над 8.000 микрограми според државните медиуми.
Тие јавија дека најмалку 341 лице се водат за исчезнати во соседна Монголија, која исто така беше погодена од песочните бури, а летовите беа приземјени од Хохот во внатрешна Монголија.
Некои жители во Нингсија, на запад во Кина, рекоа дека се разбудиле среде ноќ чувствувајќи се како да не можат да дишат.
Песочните бури се релативно чести во овој период од годината и обично им се припишуваат на ветровите што дуваат преку пустината Гоби, но жители велат дека со години не виделе нешто толку сериозно.
Големото уништување на шумите исто така се смета за фактор за пролетните бури од прашина, така што Кина се обидуваше да ја пошуми и врати екологијата во регионот со цел да ограничи колку песок се разнесува во главниот град.
Тангшан, најголемиот град во Кина за производство на челик и главен извор на загадување во Пекинг и Хебеј, во саботата изјави дека ќе ги казни локалните претпријатија за неуспехот да се спроведат итни мерки против смогот.