Нашите политички елити проектираат етнички поделено општество. Преку етничките гласови се дограбуваат до власт и потоа располагаат со општествените ресурси и тргуваат со влијание. Ние, граѓаните потоа сме претворени во нивни клиенти. Парадоксално, за свои пари, со свои гласови, ги носиме на власт, и потоа тие од позиција на моќ ни фрлаат трошки, вработувања, тендери, дозволи, позиции…
Фикција или релност, привид или вистина, не може така лесно да се каже што е што на Балканов. Апсурдно и надреално е македонското секојдневие, таму некаде на ридестиот Балкан. Како во хумористичната научно фантастична вселенска опера на Даглас Адамс се одвиваат настаните во нашата сакана напатена земјичка. Аферите и скандалите се нижат непрекинато како дождецот над главата на нашиот типичен примерок од почетокот на текстот. Време се нема да се застане и размисли, да се осознае и промисли реалноста во суштина, туку се живее во проекцијата на политичките елити. А нашите политички елити се етнички дефинирани и тие проектираат етнички поделено општество за да се најдат во работа.
Грѓаните како „топовско месо“ за етнополитичарите
Нивниот недостаток на општествена имагинација и ограничениот политички репертоар се рефлектира и на целото граѓанство. Најдобро што знаат сиромашните во умот етнополитичари е да се замислат како борци за национал(истички)ни права. И нас граѓаните не третираат како припадници на етнички групи, а не како граѓани. Како такви им служиме како топовско месо на политичкиот фронт на етнички препукувања.
Гласачкото тело го делат на етничка припадност и со тоа директно интервенираат во суштината на електоралната репрезентативна демократија. Тие се самопрогласени претставници на етничките групи, ние сме припадници на етничките заедници и со тоа нивни гласачи според природна припадност. Така тоа тие го сфаќаат и наметнуваат во општеството. Од политички субјекти не сведуваат на политички објекти. Така функционираат етнократиите, а не демократиите, со замена на демос за етнос, и едното и другот народ, ама второво дефиниран по „крвна” припадност. Примитивно звучи нели, ќе се согласите.
Во литературата на општествените науки таквите политичари се нарекуваат етнички претприемачи или мобилизатори. За етничките претприемачи етничкиот идентитет на граѓаните е златниот рудник за нивниот бизнис. Преку етничките гласови се дограбуваат до власт и потоа располагаат со општествените ресурси и тргуваат со влијание. Да, брзо стигаме до суштината на нивниот бизнис. Точно се сетивте, тоа е една од дефинициите за корупција, тргување со влијание. Ние, етничките припадници потоа сме претворени во нивни клиенти. Парадоксално, за свои пари, со свои гласови, ги носиме на власт, и потоа тие од позиција на моќ ни фрлаат трошки, вработувања, тендери, дозволи, позиции. Ваквиот маѓепсан круг тие го држат затворен и целата општествена енергија ја трошат во тој безизлезен вртел.
И така „накиснати и наврнати” си лутаме загубени, несвесни за својата маленкост, несвесни за својата неважност, водени од грандиозни идеи за некаква неопиплива горделива припадност. Ги решивме сите проблеми и стасавме и до сегрегација во личните карти, на ачик да се види кој кому припаѓа, не кој каде припаѓа. Бидејќи, личниот избор да се припаѓа се укинува во моментот кога ви се прескрибира припадноста. Што правиме со правото да НЕ ми се впишува етничка припадност во личната идентификациска карта? Дали ова ќе биде факултативно право на избор на поединците? За да објасниме до каде сме стигнале потребно е да ја погледнеме генезата на настаните кои не доведоа до целосно втерување во етнички стада.
Наводно мултикултурни, дефакто етнички
Распадот на Југославија и консеквентното средување на парчињата следи една јасна матрица: етничкиот конфликт, кој наводно го предизвика крвавото распаѓање, во иднина се избегнува со создавање на етнички хомогени територии. Од север на југ, од Словенија до Македонија тенденцијата за етничко раздвојување како гарант на стабилноста е повеќе од очигледен, иако спротивен на наводните европски начела. Наводно, мултикултурни, наводно демократски, всушност се градат етнократски општества каде плебсот е јасно дефиниран како етнички политички објект.
Вака ограниченото политичко делување сепак, носи дополнителни предизвици онаму каде што хомогенизацијата не е едноставно спроведлива: франкенштајнска Босна и Херцеговина и зомби Македонија. БиХ никако да заличи на држава поставена на стаклените нозе на меѓународниот гарантор на мирот кој одамна го има изгубено интересот. Македонија пак, никако да умре нит породена. Наместо помош соседите не здробија од клоцање и удирање, а такви јадни и бедни по дома очи си исповадивме.
Една од подолготрајните и се уште нерасчистени филозофски, и потесно антрополошки дебати се однесува на природата на човекот. Во антропологијата се артикулира појасно со приближувањето на етнографските истражувања поблиску до дома, кога се раѓаат таканаречените рурални студии при што една група истражувачи настојува да докаже дека во услови на криза заедницата се сплотува, а друга пак го докажува спротивното дека под притисок луѓето се разлошуваат, односно преовладува еготизмот наспроти солидарноста. Е сега, каде сме ние на овој континуум?
Етничка паштета
Со вакви испреплетени, а сплотени негативни политички домашни и надворешни констелации, не ни можеме да очекуваме подобри перформанси. Етницизацијата на политичкиот живот го надополнува клиентелистичкото милје, но и го надоградува со етнодетерминизмот на давателите и барателите на услугите, односно разграбувањето на општествените ресурси. И онака незаштитениот, ниту пак есенцијално дефинираниот јавен интерес под удар на налетот на етнополитичките мешетари секојдневно е изложен на урнисување и приватизирање. Само потсетете се што се случува со јавниот простор во Скопје и како врз игралишта, зелени површини и пропаднати фабрики никнуваат зградурини и зградурини.
И затоа сега некој зборува за етничка припадност на личните карти. Тој некој е ситен политички субјект во албанскиот политички блок и настојува таму да покаже дека се поголеми албанци од реформираните и амнестираните милитанти. Во науката тоа се нарекува етничко наддавање, како на аукција, помалиот или оној во опозиција мора постојано да биде порадикален од оној на власт, за да се докаже пред својот (етнички) електорат.
Ваквиот небулозен предлог и да помине како закон, ништо чудно во недемократскава пустелија, но сигурно нема да помине кај ЕУ, за што веќе гласно се изјаснија. Кога јужна Грција пред едно дваесетина години се интегрираше во Шенген зоната мораше да ја тргне религиозната идентификација на личните карти. Ако ЕУ тоа не им го дозволи, па нема ниту нашево да го одобри сигурно. Е сега, зошто целава гимнастика? За да се задржат внатрешните граници помеѓу етничките трла, да се продолжи со оркестрираното, дури и доброволно жигосување на стадата.
Накусо, дали етничкиот идентитет се мачка на леб? И да и не, ама секако не за сите. Од простото граѓанство се прави етничката паштета, ама на лебче си ја мачкаат етнополитичките елити. Тие што им трчаат, лепачите на плакати, тепачите по стадиони, викачите на демонстрации, им се фрла по малце од тоа паштетката, од одстоена конзерва на пресушено парче леб и за тоа тие се спремни да клоцаат и пенават. Другите? Другите, и кај едните и кај другите, со рачен багаж летаат накај Европа.
*Горан Јанев е професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.