Истражувачкиот руски весник „Новаја Газета“ соопшти дека откриле неидентификувана хемиска супстанца на влезот од нивните канцеларии во Москва, пренесува Еуроњуз.
„Утрото беше извршен хемиски напад врз зградата каде што се наоѓа нашата редакција“, рече главниот уредник на весникот, Дмитриј Муратов.
„Не можеме да одиме меѓу катовите или да излеземе на улица“, додаде тој.
Хемиската супстанца е под анализа на руската безбедносна служба.
Инцидентот се случи во момент кога три невладини организации покренаа тужба против руската компанија за безбедност „Вагнер“ во врска со тортурата и убиството на притвореник во Сирија. Муратов во изјавата забележа дека случајот е заснован на нивни написи.
Во 2019 година, „Новаја Газета“ објави истрага за случајот. На сликите се гледаше како мажи од руско говорно подрачје ја удираат својата жртва со чекан, а потоа ја распарчуваат, на крајот го прскаат со бензин и го палат телото.
Весникот објави и истрага за злоупотреби извршени во Чеченија. Автономната република во регионот Кавказ ја води авторитарниот лидер Рамзан Кадиров.
„Новаја Газета“ и нејзините новинари претрпеа бројни напади од создавањето на весникот во 1993 година.
Во 2006 година, новинарката Ана Политковска беше убиена пред влезот на нејзината зграда во Москва. Таа ги истражуваше рускиот претседател Владимир Путин и тактиката на Кремљ во Чеченија.