Од Платформата за родова еднаквост најостро реагираат на прес-конференцијата на Лекарската комора и на информацијата дека стручниот надзор на Комората не утврдил никаква лекарска грешка во случајот со родилката Јелдз Веаповска од Дебар, чиешто сведоштво во јавноста укажува на негрижа и непостапување на државата и здравствените институции при груба повреда на човековите права и на флагрантно кршење на законите во државата.
„Во исказите на родилката и документацијата која ја обелодени пред јавноста, постојат индикации за отсуство на здравствена заштита на бремена жена, односно антенатална и пренатална заштита, но и за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето. Родилката за време на целата своја бременост, но и непосредно пред породувањето била изложена на незаконска наплата за потребните прегледи и била прегледувана во нерегистрирана ординација“, се вели во реакцијата.
Во меѓувреме, „Ние Младите“, објавија онлајн петиција барајќи правда за Веапоска, а засега петицијата ја имаат потпишано 9.800 лица.
Од платформата објаснуваат дека по уредна бременост, породувањето се изведува со царски рез во струшката болница.
„По породувањето кое е заведено како стандарден оперативен зафат без какви било пропусти, на пациентката значително ѝ се нарушува здравјето, поради што завршува на лекување на скопската Универзитетска клиника каде што се констатира дека се извадени три органи и за тоа се информира семејството“, додаваат оттаму.
Тие велат дека нетранспарентниот стручен надзор на Лекарската комора и недостапноста на самиот извештај, како и необелоденувањето на членовите на Комисијата за стручен надзор укажува на непостапување на државата и на негрижа за женското здравје.
„Шокира констатацијата на Комисијата дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Мухамед Асани, кој и натаму е директор на струшката болница и сопственик на нерегистрирана гинеколошка ординација поради што веќе се води постапка во обвинителството во Струга врз основа на кривична пријава поднесена од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Лекарската комора не утврдила ниту каква било неправилност иако ниту пациентката ниту нејзиниот сопруг во ниту еден момент не биле консултирани или информирани за можната потреба од вадење органи“, се вели во реакцијата на платформата.
Тие нагласуваат дека случајот со Јалдз Вапиоска не е изолиран случај туку системски проблем кој се провлекува со години. Лошите болнички услови, немањето пристап до квалитетни услуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за време на породилниот период, нелегалната наплата на инаку бесплатни услуги, акушерското насилство и нехуманиот однос особено кон маргинализираните се само дел од пакетот здравствена грижа што го добиваат жените во Македонија, додаваат од платформата.
„Колку за илустрација, во Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен државата нема обезбедено доволно акушерски и гинеколошки услуги и грижа, а во 4 од нив воопшто нема гинеколог на примарното ниво на здравствена заштита, што драстично го уназадува репродуктивното здравје особено на жените во руралните средини, жените со попреченост и Ромките“, истакнуваат оттаму.
Имајќи го предвид конкретниот случај, од Платформата за родова еднаквост бараат:
- Лекарската комора јавно да ги објави имињата на лекарите што биле дел од Комисијата за стручен надзор и да ја извести јавноста со детални информации според кои Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти, вклучително и за причините зошто се отстранети органите кај пациентката;
- Утврдување на одговорност на Лекарската комора поради непрофесионално работење и штитење на здравствен работник кој работи нелегално;
- Министерството за здравство да преземе одговорност во врска со случајот и да го испита случајот преку дополнителна внатрешна истрага која ќе биде непристрасна и политички неутрална со цел да ја информира јавноста за она што се случило;
- Спроведување на детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сѐ додека случајот не добие судска разрешница.
- Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа.