Млада и исклучително инспиративна, Анисија Угриновска е основачка на новата онлајн образовна платформа ODAS Education, која своите услуги на учениците им ги обезбедува бесплатно. Мотото под кое се претставуваат таа и нејзиниот тим е „Од учениците, за учениците“, додека мисијата која ги движи е „Создавање на заедница од доживотни ученици, одговорни граѓани и успешни лидери“. Како што вели Анисија, за ова успешно да се постигне потребна е сестраност. За таа цел, не се лимитираат само на „училишно учење“, туку и на учење преку пример, мотивација, награда и слично.
Функцијата на ODAS ја започна во едни деликатни околности на пандемија, но тоа не ве спречи тебе и твојот тим да работите со полна пареа. Кој беше главниот индикатор што те поттикна да ја создадеш оваа платформа?
Кога има проблем, има потреба и за решение на истиот. Токму пандемијата предизвика чувство на одговорност кај мене и ме поттикна да создадам нешто корисно и употребливо. Сфатив дека особено ќе има простор за поинаква побарувачка во однос на образованието. Избирањето на соодветниот момент игра значителна улога во изведбата на една идеја, па така го “препознав моментот”, како што вели една важна личност во мојот живот, и го зграпчив. Би рекла дека ова не беше момент на одлука, туку низа настани кои доведоа до реализирање на идејата. Помислата дека некогаш во иднина ќе се сетам на оваа глобална криза и ќе можам да кажам дека сум го одработила својот дел без да чекам на другиот, за мене е особено инспиративна.
Впечатокот на лидер кој го оддаваш, несомнено е факт. Како носител на оваа „титула“, кој е твојот поглед на целите и какви цели имаш поставено во однос на идниот напредок на ODAS?
Генерално, на целите гледам како планини кои треба да се искачат. Некои се повисоки, а некои пониски. Некои се стрмни, а некои помалку наклонети. На сите цели гледам со еднакво воодушевување, исто како и кон секоја планина. Но, знаете што е уште поубаво од врвот на секоја планина? Патот нагоре. Тоа е философија во која се вљубив истиот момент кога ја слушнав. Конкретно ODAS, во иднината го гледам како корисно помагало во наставата, при што ќе опфаќа материјал од целокупното средно гимназиско образование. Цел ми е да работиме на меѓународни проекти, а нашето влијание да се протега не само на територијата на државите на Балканот, туку и подалеку.
Како што е веќе познато, зад сите содржини кои се достапни на вашата веб страна стојат твои врсници – средношколци. Како би ги опишала членовите на овој тим?
Точно. Позади сето тоа што го гледате на ODAS стојат амбициозни млади таленти, кои напорно работат за да го подобрат корисничкото искуство. Целиот тим би го опишала како екстремно ефективен и функционален во својата работа. Навистина сум горда на нив. Докажавме и континуирано докажуваме дека не требаат возрасни, не треба влада и министерство, ниту пак треба училиште за да се реализира една идеја и да се води успешен тим. Доволни сме ние и нашата посветеност. До бесплатните содржини и услуги кои ги нуди ODAS може да пристапите преку овој линк.
Ивана Цветаноска
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески