Црвениот крст на Македонија, кој нуди поддршка за социјално – загрозените граѓани, изнемоштени и стари лица како една од примарните дејности, денеска (17 март) одбележува 76 години од своето формирање.
„17 март е значаен ден за Црвен крст, датум кој го одбележува постоењето, дејствувањето, а воедно и успехот на сите волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти кои овозможија оваа организација да опстојува толку време низ годините“, велат од Црвен крст.
Истовремено со Општина Карпош денот го одбележуваат и крводарителството во Македонија, како хумана дејност преку која спасуваат човечки животи.
Од Општината велат дека имаат континуирана соработка со Црвен крст, која особено се интензивираше во ек на пандемијата од КОВИД-19.
„Преку заедничка акција формиравме мобилни тимови кои обезбедуваа храна и лекови за постарите лица и граѓаните во изолација; обезбедивме социјални пакети за ранливите категории на граѓани и организиравме крводарителска акција преку која беа собрани единици крв за потребите на Институтот за трансфузиона медицина“, соопштуваат од Карпош.
Во овие моменти, велат тие, локалната самоуправа и Црвениот крст работат на реализација на проектот за „Хумани патроли“ – домашни посета, основна медицинска заштита и поддршка за повозрасните карпошани и граѓаните со попреченост.
„Во тек е јавниот за обезбедување на негователи, кои ќе бидат обучени од оваа хуманитарна организација за работа со засегнатите граѓани“, се вели во соопштението на општината.
Од Црвен крст, пак, велат дека во текот на годината организација ќе организира повеќе онлајн настани на национално и локално ниво со цел да потсетат на предизвиците и успесите на Црвениот крст во изминатите години.