[Инфографик] Авиосообраќајот во земјава само во февруари изгубил 120.000 патници

Ковид-19 пандемијата продолжува да го зема својот данок. Од двата македонски аеродроми во февруари 2021 година биле превезени само 46.159 патници, што е намалување за 120.000 патници во споредба со идентичниот месец лани. Охридскиот аеродром речиси и да немал сообраќај, во вториот месец од годинава го користеле единствено 990 патници, додека преостанатите граѓани патувале од/до Меѓународниот аеродром Скопје, пишува „Мета“.

Само во првите два месеца од 2021 година, авиосообраќајот во земјава изгубил околу 250.000 патници споредено со идентичниот период лани, пред да започне ширењето на корона вирусот. Намалувањето на бројот на превезени патници се очекува да продолжи и во текот на март, додека во периодот април-јуни се очекува забрзан раст на воздухопловниот превоз, под услов да не дојде до повторно затворање на аеродромите.

Генералниот директор на „Евроконтрол“, Имон Бренан веќе излезе со оценка дека корона кризата предизвикала целосна катастрофа во европската авиоиндустрија, посочувајќи дека компаниите се на колена. Бројот на летови на европскиот континент во јануари бил помал за 66 отсто, додека во февруари 2021 тој бил опаднат за 65 отсто во однос на првите два месеца од 2019 година.

Во последната прогноза за периодот до јуни 2021 година, „Евроконтрол“ развива две сценарија. Според оптимистичкото сценарио, состојбата со ковид-19 на европско ниво ќе се подобри, а владите на европските земји ќе ги олабават рестриктивните мерки за патување, што би довело во јуни 2021 година бројот на летови да бележи намалување од 55 отсто во споредба со истиот месец од 2019 година.

Според второто сценарио на „Евроконтрол“, во вториот квартал од 2021 година ќе има минорно подобрување на состојбата со ковид-19, што ќе значи наметнување на национални мерки за ограничување на патувањата и намалување на бројот на летови во Европа во јуни 2021 за 70 отсто во однос на 2019 година.

Инаку, официјален Брисел денеска треба да го презентира предлогот за воведување на ковид-пасоши за слободно патување во рамки на земјите-членки на ЕУ, којшто ќе важи за вакцинираните лица со некоја од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Доколку се прифати ваквото решение, тогаш граѓаните кои веќе го прележале корона вирусот, се вакцинирани или имаат желба да се тестираат со ПЦР тест за патување, ќе можат слободно да патуваат во рамките на ЕУ.

Во однос на авиосообраќајот во Македонија, состојбата ќе зависи од тоа кога ќе започне масовната имунизација на населението со вакцини против ковид-19, но и дали ќе успееме наредните месеци да го задржиме бројот на активни случаи на ковид-19 на ниско ниво. Овие два фактора се чини дека ќе бидат клучни за да се даде одговор на прашањата дали македонските граѓани ќе можат да патуваат надвор од регионот на Западен Балкан наредните месеци, но и колкав ќе биде приливот на странски гости во нашите туристички центри во текот на летниот период.

Мета