Третиот бран на пандемијата со коронавирусот моментално напредува брзо низ поголемиот дел од Европа. Како резултат на тоа, многу нации, вклучително и регионот се сведоци на нагло зголемување на стапката на инфекција и бројот на нови случаи. Стапката на инфекција во ЕУ сега е на највисоко ниво од почетокот на февруари, поради ширењето на новите соеви на вирусот, јавува „Гардијан“.
Нагло зголемување на бројот на нови случаи со Ковид-19 бележи и Македонија. Во рок од две недели, заклучно со вчерашниот ден, во земјава се бележи зголемување од 4.160 активни случаи на Ковид-19. Зголемувањето на случаите резултираше и со воведување на полициски час кој беше воведен на 10 март, од 22 до 5 часот наутро.
Здравствените власти пак, на вчерашната прес-конференција соопштија дека нема да се воведуваат нови мерки и дека полицискиот час останува. Министерот Венко Филипче најави дека евентуални нови рестрикции, доколку е потребно ќе разгледуваат на почетокот на следната недела.
Зголемениот број на нови случаи и бројот на примени пациенти во болниците во Бугарија, ги натера власти да воведат рестриктивни мерки ширум земјата кои ќе почнат да се спроведуваат од 22 март, во траење од 10 дена, соопшти тамошниот министер за здравство Костадин Ангелов.
Со мерките, меѓудругото, предвидено е затворање на сите продавници поголеми од 300 квадратни метри, со исклучок на продавниците за храна, исто така затворање на фитнес центрите, базените, кината, театрите, музеите и галериите. Прославите, свадбите и крштевките со повеќе од 15 лица ќе се забранат, а се забрануваат и масовните настани на отворено за празници и фестивали. Рестораните исто така одат „под клуч“, а дозволено е само храна за достава. Организираните екскурзии и групни туристички патувања исто така се забрануваат.
Бројот на активни случаи во моментов таму изнесува 49.597 лица, додека бројката на хоспитализирани лица изнесува 7.804 пациенти.
Во Србија, од вчера, па се до понеделник ќе работат само продавниците за храна, бензинските пумпи и аптеките, а сите други објекти ќе бидат затворени, ова е последната одлука која ја донесе тамошниот Кризен штаб.
Градинките, државните институции, поштата, банките и производствените погодни ќе продолжат со работа. По овој период, во понеделник се очекува да се донесе одлука дали ваквите мерки ќе бидат продолжени.
Бројката на активни случаи таму е повеќе од 75 илјади лица, додека бројот на хоспитализирани лица изнесува 4.671. Досега со Ковид-19 во Србија се заразиле 531.558 лица од почетокот на епидемијата.
Властите во Грција пак, и покрај тоа што земјата се соочува со притисок врз здравствениот систем и зголемен број на хоспитализации планираат да објават некои ограничени прилагодувања на мерките за движењето на граѓаните, за да се справат со „заморот предизвикан од изолацијата“.
За моменталниот полициски час за викендите постојат најави тој да започнува два часа покасно, во 21 часот наместо во 19 часот, со можност тој да стапи на сила и за време на работните денови. Истовремено, постојат најави и за отворање на козметичките салони и фризерниците од 22 март.
Националниот комитет на експерти треба да се сретне во текот на утрешниот ден за да ги разгледа ваквите предлози.
Во средата, здравствените власти објавија дека се регистрирани рекорден број на нови случаи на дневно ниво, односно 3.465 случаи.