Шпанските пратеници ја легализираа евтаназијата и потпомогнатото самоубиство за лицата со сериозни и неизлечиви или исцрпувачки болести кои сакаат да го прекинат својот живот, со што Шпанија е четврта земја во Европската унија што презема таков чекор, пренесува „Ал Џазира Балканс“. За легализацијата гласаа 202 пратеници, 141 беа против, додека двајца беа воздржани.
Досега во Шпанија, на секој што ќе одлучеше да изврши евтаназија или да потпомогне самоубиство му се закануваше затворска казна до 10 години.
„Денес е важен ден, одиме кон признавање на човековите права. Одиме кон похумано и пофер општество“, рече министерката за здравство Каролина Даријас пред пратениците.
Законот кој се однесува на возрасните кои легално претстојуваат во Шпанија, ќе стапи на сила за три месеци, како би се добило на време за воспоставување на регионални одбори, кои ќе ги разгледуваат и одобруваат барањата.
Пред парламентот за време на расправата во парламентот и гласањето се собраа групи кои се за носење, но и против носење на законот.
Против новиот закон жестоки критики имаше од страна на десничарските и верските групи. Крајнодесничарската партија „Вокс“ соопшти дека ќе го оспори законот пред Уставниот суд.
Инаку, во европските земји, евтаназијата досега е легализирана во Белгија, Луксембург и Холандија.
Во соседна Португалија пак, во понеделникот ваков сличен план претрпе неуспех, откако највисокиот суд во земјата го отфрли како неуставен законот кој претходно беше одобрен од парламентот.