„Охрид СОС“ поднесе барање за итен инспекциски надзор, по дојава за рушење на ресторанот „Парк“

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска по дојава за рушење на ресторанот „Парк“, поднесе барање за итен инспекциски андзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат, поради како што велат, прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот закони, објавија тие на Фејсбук.

Оттаму велат дека одобрението за градење е правосилно од 6 јули 2018 година, додека градежни работи за првпат се одвиваат во 2021 година, односно, како што додаваат, речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење.

„Во самата претставка што ја поднесовме има обезбедено низа докази (видео и фотографии) за целосно отсуство на градежни работи пред 2021 г. што значи дека градежните активности кои сега се одвиваат се спротивни на законите и претставуваат кривично дело. Не може известување за отпочнување со градежни работи да се смета за почитување на обврската од чл. 66 ст. (1) од Законот за градење. Да можеше, така ќе беше формулиран ставот од членот“, стои во објавата на „Охрид СОС“.

Ве известуваме дека откако до нас вчера дојдоа информации за рушење на објектот „Парк“, Охрид ЅОЅ денес поднесе…

Posted by Охрид SOS on Friday, March 19, 2021

Претходно тие поднесоа Иницијатива за прогласување на ова наградено архитектонско дело на архитектот Павел Балабанов за споменик на култура.

Истовремено бараат итно постапување по иницијативата и ставање на објектот под привремена заштита, но и итно стопирање на сите активности на ресторанот, додека не се разгледа нивната иницијатива, додавајќи дека таа веќе е поддржана од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

фото: „Охрид СОС“

„Потсетуваме на извештајот на РММ на УНЕСКО (2017) каде што стои: ‘Урбанизација со низок квалитет влијае на крајбрежниот пејзаж. …oвој дел на брегот веќе не изгледа природен, туку источкан со помали и поголеми градби (особено скоро изградениот Hotel Park Lakeside)’, а ‘лошиот архитектонски квалитет, во, и надвор од урбаните средини е закана за визуелните квалитети на доброто и закана по неговиот интегритет. Високите згради или било какви згради блиску до водата имаат големо визуелно влијание наштетувајќи му на интегритетот на доброто’“, се додава во нивната објава.

По најавите за изградба на хотел на местото на поранешниот ресторан, претходно реагираа и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Тие побараа да прекине постапката за градење до објавување на плановите и проектите за новиот објект и стручната анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и законската регулатива, како и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност.