Индија планира предлог закон за забрана на криптовалутите, но и казни за сите кои ќе тргуваат или поседуваат криптовалути, пренесува „Ројтерс“.
Предлог законот би бил еден од најстрогите закони за криптовалути во светот, а преку него би било криминализирано поседувањето, „копањето“, заменувањето и трансферот со криптовалути.
Ваквата мерка е резултат на визијата на индиската влада за забрана на приватните и дигитални валути како биткоинот. Индиската влада во меѓувреме соопштила дека работи на официјална дигитална валута.
Преку предлог законот, владата ќе им даде рок од шест месеци за уништување на криптовалутите на лицата кои ги поседуваат, по што ќе бидат воведени казни за секој прекршок од овој вид.
Владата на Индија е уверена дека предлог законот ќе биде усвоен, бидејќи актуелната владеачка партија го сочинува мнозинството во парламентот.
Доколку се усвои предлог законот, Индија ќе стане првата светска економија во која криптовалутите се илегални. Додека во Кина, илегални се „копањето“ и трговијата со криптовалути, нивното поседување сè уште е легално.
„Биткоин“, најголемата светска криптовалута, постигна рекордна вредност од 60,000 долари, со што ја дуплираше својата вредност. Растот се должи и на прифаќањето на крипто исплатата од големи компании, меѓу кои и „Тесла“.
И покрај опасноста за криминализирање на криптовалутите, во Индија се зголемуваат крипто трансакциите. Криптовалутите веќе имаат 0сум милиони индиски инвеститори чие богатство сега вреди 100 милијарди рупи.
„Парите се зголемуваат со голема брзина и никој не сака да е исклучен. Иако луѓето паничат поради предлог законот, алчноста влијае врз понатамошни инвестиции“, истакнал Сумнеш Салодкар, инвеститор во криптовалути.
Според Гаурав Дахаке, директор на компанија за локални криптовалути, забележан е раст на корисници и вложувања од 30 отсто. „Унокоин“, една од најстарите индиски криптовалути, регистрирала 20.000 нови корисници и покрај стравот од предлог законот.