Седум универзитетски професори од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово беа обвинети дека објавиле трудови кои се плагијат или копија на веќе постоечки. Ваквиоте информации беа објавени во онлајн публикацијата „Веритас“, изработена од Интелектуалната иницијатива за подобрување на квалитетот во универзитетското образование. Радио МОФ се обиде да ги контактира авторите на публикацијата, но наведените контакти беа нефункционални. Во меѓувреме, разрешен беше ректорот на Медицинскиот факултет.
Тетовскиот универзитет објави и реакција во врска со онлајн истражувањето „Веритас“, велејќи дека истражувачката активност на Тетовскиот универзитет е според научните критериуми.
„Иако не е должност на нашата институција да ги коментира „откритијата“ на „писанијата“ со анонимни автори, сакаме да ја информираме јавноста дека универзитетската активност, односно научните истражувања на нашите академските оддели на Тетовскиот универзитет се направени со почитување на научните критериуми“, се вели во реакцијата на универзитетот.
Оттаму додаваат дека академските унапредувања, одбрани и објави на научни трудови поминуваат низ филтер механизми кои можат да прифатат или отфрлат одреден научен труд.
„Дека нашиот универзитет има успех во полето на научното истражување докажува цитирањето во научни списанија со голем импакт фактор, високо рангирање од страна на престижни интернационални агенции, но и организирањето на бројни конференции и научни конгреси во кои учествуваат стотици познати научници“, стои во реакцијата.
Во врска со разрешувањето на поранешниот декан на Медицинскиот факултет, професорот Кастриот Хаџиреџа, од универзитетот велат дека одлуката е донесена поради бројни пропусти.
„Ја информираме јавноста дека ректорот на Универзитетот ја донесе оваа одлука поради лошо раководење, неефикасност на работа, ненавремено реагирање при неправилности и нарушувања на работната етика, непреземање на законски одговорности и неуспешна координација со Наставничкиот совет“, велат оттаму.