Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро реагира на заканите по животот како и омаловажувањата искажани на социјалните мрежи упатени кон новинари и ги повикува Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното Јавно Обвинителство (ОЈО) итно да постапат со цел да не се доведат медиумските работници во безбедносен ризик.
„На социјална мрежа Фејсбук, личност со профил именуван како Арбен Есати неодамна објави заканувачки текст проследен со вулгарни зборови кон медиумите: БЕЗ ЦЕНЗУРА, ТВ 21, ГАЗЕТА ЕКСПРЕС, ТЕТОВА СОТ, КОХА ТВ, КОХА ЊУЗ, КУМАНОВА СОТ, ТВ ШЕЊА, ЛАЈМИ ПРЕС“, појаснуваат од ЗНМ.
Овие закани, како што посочуваат од Здружението, следат после објавите на дел од локалните медиуми кои имаат преземено вест од српски медиум а во врска со таткото на Есати, лекар кој наводно се понудил да работи во Србија по што следеле разни реакции на социјалните мрежи.
„Укажуваме дека говорот на омраза и заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални дела предизвикани од омраза“, нагласуваат од ЗНМ.
Тие поднеле барање до Министерството за внатрешни работи и до СВР Тетово, за брзо постапување во врска со овој случај и итна мерки против лицето Арбен Есати.
„Од МВР не известија дека преземаат мерки за расчистување на случајот во најбрзо време. Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор се основните обележја на земја што претендира да биде демократска. Затоа, експлицитните закани по животот на новинарите и членови блиски до нивното семејство мора да бидат санкционирани со цел новинарите да можат безбедно ја вршат својата професија“, сметаат од ЗНМ.