Во октомври, минатата година, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека работи на студија за изводливоста за воспоставување на центар за згрижување на повредени и запленети диви животни, кој треба да биде по европски терк. Од Македонското еколошко друштво ја поддржуваат оваа иницијатива, потсетувајќи дека сè уште се реалност ужасните случаи на повредени и измачувани диви животни, додека центар за нивно спасување нема и понатаму.
Според нив, потребата за ваков центар е препознаена од пред најмалку 20 години, а е особено актуелизирана во последните 8 години.
Целта на овој центар, велат од МЕД, треба да биде згрижување на повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош, односно помош да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природа. Покрај ова, привремено би се згрижувале и единки кои биле предмет на нелегална меѓународна трговија и се запленети од царинските служби
Според МЕД, прифатниот центар треба да претставува професионална институција за која ќе биде обезбедено долгорочно финансирање и пред сè ќе се грижи за доброто на единките кои припаѓаат на засегнати и заштитени диви видови животни.
„Во тој центар треба да бидат вработени кадри кои ќе поминат соодветна обука за справување со диви животни (првенствено цицачи и птици), а центарот треба да е под раководство на доктори по ветеринарна медицина. Прифатниот центар треба да има на располагање соодветни простории за било каква ветеринарна интервенција поврзана со здравствениот статус на животните. Освен тоа, оваа институција треба да располага со повеќе карантински простори (заградени живеалишта адаптирани на потребите на животните) каде единките ќе можат да се рехабилитираат за повторно да можат да се вратат во природата“, гласи нивниот став.
Враќањето во природа мора да биде на местото каде тоа животно било најдено и со претходно информирање на локалните заинтересирани страни: ловечки друштва и невладини организации, посочуваат од МЕД.
„Потребно е да се има предвид дека не секое животно може да се врати во природа откако подолго време било во присуство на луѓе или израснало со помош на луѓе. Како најкарактеристичен пример би ја споменале кафеавата мечка, која под никакви услови не би требало да се врати во природа откако била изложена на човекова нега, вклучетелно и мече кое целосно бил одгледано од човекот. Мечките се доста подложни на процесот на хабитуација (привикнување на живот со луѓе), а со тоа можат да бидат опасни за локалното население во регионот на нивно повторно враќање. Затоа, МЕД препорачува овие единки да бидат пратени во соседните земји каде што има специјализирани прифатни центри, а доколку нема друга опција, да бидат еутанизирани. Еутаназијата треба да биде опција и за сите единки кои нема да можат да бидат вратени во природа, ниту ќе можат да бидат вклучени во програми за размножување на засегнати видови“, се вели во нивното соопштение.
Имплементатор на идниот Центар е приватната компанија ДЕКОНС ЕМА, која ангажирала национални и меѓународни експерти, информираа претходно од надлежното министерство.
Според Македонското еколошко друштво, прифатниот центар не смее да биде отворен за посетители со цел животните да бидат што помалку во контакт со луѓе и да нема мотивација да чуваат животни заради остварување на финансиска добивка како на пример од влезници. Сепак, охрабруваат во центарот да се овозможат услови за волонтирање и стручно усовршување на кадар.
„За секое животно донесено во прифатниот центар, пронаоѓачот треба да пополни образец со информации за местото, времето и околностите за наоѓање на животното. Прифатниот центар за почеток треба да биде фокусиран на најприоритетните (критично загрозени и загрозени) видови за заштита, како на пример балкански рис, кања, белоглав мршојадец и други. На овие видови им се заканува опасност од исчезнување, а со тоа грижата за секоја единка станува приоритет. Пожелно е прифатниот центар да има кадар кој освен основната обука за справување со диви цицачи и птици, ќе помине соодветна ветеринарна обука за приоритетните видови“, велат од МЕД.
Исто така, центарот може да се вклучува и во програми за размножување на засегнати видови, под координација на Европската асоцијација на зоолошки градини (EAZA) и други стручни организации или научни институции.
„Центарот треба да обезбеди услови за ветеринарен преглед, задржување во карантин и грижа за овие единки (честопати различни видови птици, примати, водоземци и влекачи кои бараат поспецифини услови за згрижување), се додека истите не бидат вратени во земјата на потекло, вратени во природа, доколу потекнуваат од нашата држава, или да се постапи согласно одлуката на надлежниот орган. Ваквите единки во никој случај не треба да бидат предмет на понатамошна трговија или отуѓување заради други причини“, апелираат од МЕД.
Активностите поврзани со Центарот се дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2 (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (Swiss Agency for Development and Cooperation – SDC), координиран од „Фармахем” од Скопје.