Расте нетрпеливоста меѓу граѓаните од Шуто Оризари. Во моментов, на еден матичен лекар во поликлиниката од оваа Општина има 3000 пациенти кои се прегледуваат. Ова особено ја отежнува работата и го загрозува здравјето додека вирее Ковид-19. Жителите во случај да се заразат, не можат да закажат термин за тестирање. Затоа, Иницијативата за развој и инклузија на заедниците од Скопје денеска симболично и’ даде признание, на како што велат, најлоша поликлиника во градот.
Според Фадил Џемаил, координатор во иницијативата, револтот се должи на недостигот на матични лекари – проблем кој започна минатата година со заминување на една матична докторка во пензија, а на почетокот од оваа година си заминале уште две, од кои едната работи со деца.
Па така, околу 4.000 возрасни лица и 1.200 деца останале без матичен лекар. Дури и оние кои во моментов се останати, се исто така пред пензионирање, што значи дека за кратко време ќе останат и без нив. За овој проблем апелирале до сите надлежни институции, но до денес не добиле никаков одговор.
„Немаме друго освен да си посакаме златната рипка да ни ги промени овие работи“, вели Џемаил, посакувајќи нивната поликлиника да прерасне во соодветен здравствен дом.
Работата во оваа поликлиника, матичните лекари ја доживуваат како казна, вели Џемаил. Затоа, смета тој, нема ни заинтересирани и покрај јавните огласи на Министерството за здравство.
„Нашиот апел до сите е дека во тек на пандемија не смее да се дозволи да се остават граѓаните без здравствена заштита и матичен лекар“, рече тој.
Ова се случува додека 250 лекари по општа медицина, од кои само еден Ром, се пријавени како невработени, според информациите кои иницијативата ги добила од Агенцијата за вработување.
Од Влада, пак, на денешната прес-конференција велат дека до нив не стигнало официјално барање од иницијативата за овој проблем, но истакнуваат дека Министерството за здравство не може да назначи матични лекари.
„Постојат законски постапки како некој може да отвори ординација како матичен лекар. Тие се уредени со Законот за здравствена заштита и подзаконските акти како: Правилник за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, започнување со работа и вршење на здравствената дејност во здравствена установа. Откако ќе се завршат сите тие постапки, Министерството само издава дозвола за работа“, велат од Влада.
Жените во Шуто Оризари и понатаму во исчекување на гинеколог
Друг проблем кој со години се провлекува во Шуто Оризари е немањето гинеколог. Тие добиле ветување дека во јануари ќе започне со работа, но веќе и март проаѓа, а сè уште се чека ординацијата да се опреми целосно, за што е одговорно Министерството за здравство. Во овој дел, посочи Џемаил, треба да помогне и Општината со реновирање, а во првите 6 месеци да ја плати медицинската сестра која ќе работи во ординацијата.
„Особено загрижува игнорантскиот однос на институциите и Министерството за здравство, пред се. Не може да се каже дека објавуваат постојано јавно огласи за концесионери и да не се преземе ништо, кога знаеме дека тука живее најмаргинализираното население кое е во социјален ризик и токму на нив им е потребна примарна здравствена заштита“, се надоврза Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
Таа информираше дека нашле гинеколог, но целиот процес се провлекува повеќе од една година поради административни пречки, додека над 8000 жени во репродуктивен период се оставени да се снаоѓаат.
„Ние не сме граѓани од втор ред, заслужуваме еднаков третман“, посочи Бекир Халим.
Пред една година д-р Вјолце Мбира која имаше ординација, ја затворила и ја преселила во населбата Сингелиќ. Министерот Венко Филипче тогаш најави дека ќе ги мотивира специјализантите да отворат гинеколошка амбуланта во Шуто Оризари, но таа сè уште не е отворена.
МЗ: Во тек е седми оглас за матичен лекар
Одговор на реакцијата пристигна и од Министерството за здравство. Тие велат дека во период од пет години, распишале шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар. Но, на ниту еден оглас досега не се пријавил лекар за работа. Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.
Во моментов во Поликлиника Шуто Оризари има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба, посочуваат од министерството.
„Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“, велат од министерството.
Во склоп на Поликлиниката функционираат и Ординација за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, каде се врши редовна имунизација согласно календарот за вакцинација , потоа систематски прегледи , здравствено советување според возраста на децата, се издаваат медицински потврди за упис во училиште , а работи и детска превентивна стоматологија.
Според Министерството за здравство, во лабораторијата која е дел од Поликлиниката, во периодот на пандемијата со корона вирусот е отворен пункт за тестирање на ковид пациенти и дневно се прават и по 40 тестирања.
„Во Поликлиниката работи и ноќна дежурна служба секој ден од 19,30 до 7,30 наредниот ден, a во неделите до 24 часот. Саботните дежурства ги држат лекари концесионери од приватните здравствени установи од тој реон . Во Поликлиниката Шуто Оризари работат и Приватни здравствени ординации, концесионери кои имаат 25.000 илјади пациенти“, велат од МЗ.
Оттаму тврдат дека на годишно ниво во Поликлиника Шуто Оризари се реализираат околу 3.0000 прегледи. Во однос на ординацијата по гинекологија, тие велат дека наскоро ќе почне со работа, а во моментов ја опремуваат.
Емилија Петреска