Во тек се подготовките за воведување на услугата образовен асистент во основните училишта од следната учебна 2021/2022 година, најави Министерството за образование и наука.
Оттаму информираат дека донесени се сите подзаконски акти, опфатени со Законот за основно образование. Услугата ќе се финансира од државниот Буџет, преку Буџетот на МОН за 2021 година, со средства во висина од 59 милиони денари.
„Сите родители на учениците од 2-ро до 9-то одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. За учениците кои за прв пат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на месец јуни. По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на месец јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање на образовни асистенти“, појасни Царовска на денешната онлајн средба со Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО Пркос.
Настанот беше организиран по повод 25 март, Денот за подигнување на свеста за церебралната парализа.
Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во април треба да започне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а во план е да се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.
Според Царовска, согласно новиот Закон за основно образование, посебните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост стануваат Ресурсни центри. Ова како што посочи таа, ќе овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар кој ќе дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
„Обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН“, рече Царовска.
Таа истакна дека во тек е реализација и на Проект за непречен пристап во 12 образовни институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни и 4 факултети, за кој била подготвена техничката документација и очекуваат градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.
Покрај ова, посочи дека во рамки на ИПА проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, доделиле 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второ одделение. Дополнително, годинава МОН доделило 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година.