„Гугл мапс“ најави дека ќе ги нагласува патувањата што генерираат најмала количина на јаглерод, користејќи податоци од сообраќајот и состојбата на патиштата. Тоа е дел од нивната заложба за борба против климатските промени, пренесува BBC.
Пребарувачот соопшти дека оваа функција првично ќе биде достапна во САД годинава, со можност за глобално проширување на опцијата.
Кога апликацијата е вклучена, стандардната рута ќе биде „еколошката“ опција, освен ако корисниците не изберат да се исклучат од неа.
Ако алтернативните маршрути се значително побрзи, „Гугл“ ќе понуди избор и ќе им дозволи на корисниците да ги споредуваат проценетите емисии.
„Она што го гледаме е дека за околу половина од рутите, ние можеме да најдеме опција што е поеколошка со минимален или без дополнителен трошок во време“, рече Расел Дикер, директор на производ во „Гугл“.
Пребарувачот, во сопственост на „Алфабет“, соопшти дека користи податоци за емисии врз основа на тестирање на различни типови автомобили и патишта, базирајќи се на извештаите од Националната лабораторија за обновлива енергија на Владата на САД.
Од јуни, „Гугл“ ќе започне да ги предупредува возачите да патуваат низ зони со ниски емисии каде што се ограничени некои возила. Тие се вообичаени во земји како Германија, Франција, Холандија, Шпанија и Велика Британија.
„Од Амстердам до Џакарта, градовите ширум светот воспоставија зони со ниска емисија на штетни гасови – области што ги ограничуваат загадувачките возила како одредени дизел автомобили или автомобили со специфични налепници за емисија на штетни гасови, за да го одржат воздухот чист“, пишуваат од „Гугл“ на својот блог.
„За да ги поддржиме овие напори, работиме на предупредувања за да им помогнеме на возачите подобро да разберат кога ќе се движат низ една од овие зони“, се вели во блогот.
Корисниците на „Гугл мапс“ исто така ќе можат да споредуваат автомобил, возење велосипед, јавен превоз и други опции за патување на едно место, наместо да се префрлаат помеѓу различни делови во новата опција што е лансирана оваа година.