Законот за клима се уште не е влезен во формална процедура, додека Стратегијата за климатска акција е влезена во постапка и може да се споделуваат забелешки најдоцна до 29 април, на веб-страницата на Министерството за животна средина. Јавна расправа, пак, ќе има на 9 април.
Граѓански организации денес споделија свои мислења и забелешки за овие документи во рамките на Националната конференција за клима.
Нивниот заклучок е дека законот поставува обврзувачки цели дека климатската неутралност треба да биде обврска до 2050 година. Но, според граѓанскиот сектор, потребни се јасни квантифицирани обврзувачки цели, а тоа како што велат, фали во Законот за климатска акција.
„Земјата се обидува да го елиминира јагленот, но треба да кажеме кога точно? Вака само се преправаме дека ги решаваме проблемите, а ѓаволот е во деталите“, истакнаа денес учесниците на работилницата на тема „Граѓански видувања на законото и стратегијата за климатска акција“.
Колку подолго се чека, толку поголеми ќе станат проблемите, смета Елена Николовска од „Еко свест“.
„Проблем за нас е дека темата е многу стручна и побарува многу време и ресурси за да се следи и да одговориме на документите. Проблем, според нас е што овие постапки се одвиваа многу забрзано. Има делови од стратегијата кои според нас не се во ред. На пример, механизмите за климатска акција – емисија на стационарни извори, емисија од авијација, останатите сектори не се вклучени. Делот за образование е многу кус, сметаме дека подигнувањето на свеста и истражувањето на развојот треба да бидат темел на овие документи. Во визијата е напишано само дека Македонија до 2050 ќе биде просперитетна нискојаглеродна земја, а со договорот во Софија постигнат со земјите од регионот, јасно се обврзавме на нула емисии до 2050“, посочи Николовска.
Една од забелешките на граѓанските организации е дека нема јасни цели во законот и дека нејасна е врската со Парискиот договор, што државата го ратификуваше. Според Николовска, Парискиот договор не се сфаќа доволно сериозно во Северна Македонија.
„Можеби следен чекор треба да бидат тужби кон државата за непридржување кон Парискиот договор, како што прават други земји. Може така ќе ја поттикнеме нашата земја за реална климатска акција“, истакна таа.
Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ од Македонското здружение на правници објасни дека корупцијата е голем проблем во примената на законите, исто како и нееднаквиот третман на луѓето пред законот.
Владимир Стојановски од Шумарскиот факултет, пак, се пожали дека нивниот сектор воопшто не е спомнат во новиот закон.
„Кај нас кога се создава нов закон се оди по правилото на 3I – invite, inform, ignore! (Покани, информирај, игнорирај) Но, кога ќе дојде ред за конкретни чекори, ги игнорираме луѓето што имаат нешто да кажат. Шумарството не е спомнато во новиот закон. Доколку сакаме да се фокусираме на оваа област, треба да го издвоиме како посебна гранка. Мораме да сфатиме дека само заедно ќе успееме во ова“, рече вели Стојановски.
Беше отворено и прашањето колку климатските промени се влезени во образовните системи и новите генерации да учат. Тоа е минимално или никакво, се согласија експертите.
Националната конференција за клима се организира со поддршка на Европската Унија, а ја организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.