Поранешниот вработен во американската тајна служба Едвард Сноуден изјави дека одлуката на руските власти да му дадат привремен азил е победа на владеењето на правото и се заблагодари на официјална Москва, истовремено обвинувајќи ги САД дека го погазуваат меѓународното право, објави Викиликс.
„Во последните осум недели се уверивме во тоа дека администрацијата на Обама не го почитува ниту меѓународното, ниту домашното право, но на крајот правдата победи“, рече Сноуден во соопштението што го објави Викиликс. Тој се заблагодари на официјална Москва што му овозможи привремен азил. Местото каде ќе престојува Сноуден не е познато.
„САД се многу разочарани од одлуката на Русија да му даде азил на Сноуден, со што се намалува соработката која ја имаат безбедносните и полициските служби на двете земји“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни. Тој предупреди дека по одлуката на Москва се доведува во прашање учеството на американскиот претседател Барак Обама на самитот во Русија, со колегата Владимир Путин, планиран за следниот месец.
„Размислуваме дали е корисно да учествуваме на самитот по последните случувања“, истакна Карни, додавајќи дека се уште не е донесена одлука. Претходно, повеќе конгресмени ја осудија одлуката на руските власти да му дадат политички азил на Сноуден, оценувајќи дека тоа ќе влијае на односите меѓу Вашингтон и Москва.
Од Кремљ порачаа дека односите меѓу Русија и САД нема да се влошат поради овој „релативно безначаен“ случај.
Сноуден откри дека американските тајни служби ги прислушуваат граѓаните насекаде низ светот, по што беше обвинет од САД за издавање државни тајни и „помагање на непријателот“. Тој избега во Хонг Конг, откаде со авион слета на московскиот аеродром Шереметјево. Сноуден остана пет недели во транзитниот дел, се до вчера, кога му е доделен едномесечен азил.
Извор: DW