Од годинава се воведува нова образовна асистенција за учениците со нетипичен развој, како чекор кон инклузивно образование. Идејата е оваа услуга да биде системско решение и да оди преку државниот Буџет. Новата реформа наиде на законски измени, но и разни препреки и пробиени рокови што ќе се решаваат во од. Предизвици има за стручните тимови што ќе ја водат програмата, има и за специјалните едукатори и наставници што ќе влезат во новиот инклузивен процес. Истовремено, родители чекаат во неизвесност за образовен асистент за своето дете, пред да стартува учебната 2021/2022 година.
Една од оние што ќе аплицира за образовен асистент е Домника Кардула, мајка со дете со аутизам. Кардула ја поддржува новата измена со оглед на досегашните искуства со ќерката, која е 8. одделение при училиштето „Гоце Делчев“ во скопски Центар.
За нејзината ќерка, вели Кардула, од почетокот на образованието е придружувана од образовен асистент. Од прво до петто одделение асистентот го плаќале сами. Последните три години нивниот асистент е влезен во програмата на УНДП преку општината.
„Таа програма опфаќа малку од учениците на кои им е потребен образовен или персонален асистент. Исто така програмата предвидува покривање на 4 часа во текот на училишниот ден, а голем број деца имаа повеќе часови настава. Финансиската надокнада е многу ниска. Асистентите имаат голема одговорност, работат со специфична категорија на деца и сумата од 7.000-8.000 денари е во најмала рака навредувачка“, вели таа, дополнувајќи дека асистентите се главно млади луѓе, интелектуалци што мора да бидат соодветно платени.
Свесни за ова, нејзиното семејство досега издвојува плус дополнителни средства како надополнување за ангажманот на асистентката.
„На почетокот беше проблем и исплатата која доаѓаше со задоцнување поради неажурноста на општинските власти, но чинам дека оваа година тоа е подобрено. Некои општини се покажаа ангажирани и заинтересирани да помогнат во процесот и со свои средства дополнително да ангажираат асистенти, но за жал најголемиот дел од нив – не“, забележува Кардула.
Затоа и ги поддржува измените во Законот за основно образование за образовни асистенти. Сепак, не знае како ќе се одвива процесот. Веќе еден месец како контактирале со Комисијата што прави проценка по МКФ (Меѓународна класификација на функционалности) и се’ уште немаат добиено термин.
„Така да, веројатно процесов на пријавување кој првично беше до март месец ќе мора да се одложи за некој месец. Имам секако дилема зошто е ова мислење потребно за учениците кои имаат траен налог за својата состојба и кои веќе со години користат образовен асистент. Но, како и да е, ова е почеток и посакувам и сакам да верувам дека се ќе биде во најдобар ред. Како родител со неколкугодишно искуство имам дилема дека сите ученици ќе бидат покриени, затоа што дефектолози, логопеди, педагози се дефицитарен кадар“, потенцира Кардула.
Ако сакаме да имаме успех во имплементацијата на законот, вели таа, ќе мора да се размисли и во правец на стипендирање на студенти од професии кои може да бидат понатаму вклучени како асистенти во образовниот процес.
„Можноста родителите да одберат свој асистент кој и досега работел со детето или генерално асистент кој чинат дека е најсоодветен и кој ќе биде ангажиран преку МОН, а се подразбира да ги исполнува условите, е многу важен. Промената на асистент е многу деликатна кај овие дечиња и затоа на овој момент треба да се внимава“, посочува Кардула.
Што значи новиот систем за образовна асистенција?
Од Министерството за образование и наука (МОН) посочуваат дека за првпат се воведува услугата образовна асистенција, како предуслов за обезбедување на инклузивно образование. Услугата ќе се финансира преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени 59 милиони денари.
За оваа цел е донесен Норматив за услугата образовна асистенција. Исто така, посебен Правилник за начинот на побарување на образовен и личен асистент и начинот на нивна селекција, за тие да влезат во наставата за учебната 2021/2022 година.
„Согласно Правилникот учениците од 2-ро до 9-то одделение барањето со потребната документација (мислење од Комисијата која прави проценка по МКФ) треба да ги достават до општинските основни училиштето каде што учат до крајот на март 2021 година. Учениците кои се запишуваат во 1-во одделение барањата ги доставуваат до почетокот на јуни 2021 година“, соопштуваат од МОН.
Процесот вели – понатаму барањата се доставуваат до новите Училишта со ресурсни центри, кои досега функционираа како посебни училишта. Ваквите Ресурсни училишта ја спроведуваат постапката за побарување и селекција на образовните асистенти преку јавен повик, ја спроведуваат обуката и ги вработуваат асистентите.
„Пандемијата го пролонгира процесот, но работиме на реформа од корен“
Дека првичните рокови за образовните асистенти ќе се пролонгираат веројатно до јуни потврдува Горан Петрушев, раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом.
Оваа служба работи по МКФ со специјалист, психолог, специјален едукатор и социјален работник. Проценуваат дали на детето му треба образовен асистент, на друго асистивна технологија, на трето Индивидуален образовен план (ИОП). За учениците со комплексни потреби – дали треба модифицирана наставна програма, базирана на способностите за да стекнат самостојност, личен развој и социјални односи.
„За разлика од оние ‘Комисии’ кои досега правеа ‘она што детето не може’, сега правиме она што детето може и нудиме поддршка да се вклучи во одредена форма на општествено живеење. Во моментов работат две вакви стручни тела и едно национално што го води реформскиот процес“, вели Петрушев.
Според него, се работи за темелна реформа, од корен се менува цел систем, па ќе треба време. Во наредниот период треба да се отворат уште седум вакви тела за функционална проценка, по региони. Сега го припремаат во југоистокот.
„Ќе биде во Струмица и ќе ги опфаќа Гевгелија, Радовиш, Ново Село, Валандово. Нема да доаѓаат тие деца во Скопје, туку ќе прават проценка во Струмица. После тоа го отвораме во Битола, Гостивар итн, па, паралелно како отвораме другите – притисокот ќе се намалува, сите родители би требало да добијат проценка пред почеток на училишната година. Тоа е планот. Но, пандемијата ни одзема доста време. Дел од тимовите се во изолација. Во фаза сме на формирање, но, потоа бенефитите ќе бидат големи, за сите“, вели тој.
Тврди дека МОН за образовните асистенти веќе ги има известено сите чинители. Заинтересираните родители можат да се јават, пишат мејл на mkf.mkd@yahoo.com, или ги контактираат преку веб-страната за МКФ на Сојузот на специјални едукатори, додека се изработува посебен сајт.
„Поголемиот дел на децата додека влезат во таа првична проценка, народски кажано, можеби ќе има ‘гужва’. Но, видете, целиот систем е наменет во интерес на децата. И за родителите, од кои добиваме поддршка. Не е поентата како досега да чекаат во ходници, пред врати. Не е поентата детето да го ставиме само во некаква ‘категоризација’. Ова е нов систем. Ќе следиме што му треба индивидуaлно, од најмала до поголема возраст. Треба да изградиме општество каде лицата со попреченост ќе бидат во сите нивоа. Нема да бидат оставени дома, или во посебни установи, туку со нас во заедничко општество. Затоа е потребно разбирање од сите, и од новинари, и од родители, и од стручни служби“, потенцира Петрушев.
Што е со Ресурсните центри?
Директорката Марија Делетиќ од „Златан Сремец“ објаснува дека сите пет посебни училишта како нивното се во фаза на промена на својот Статут, согласно Законот за основно образование. Ќе го сменат името и ќе станат „Училишта со ресурсен центар“.
Ресурсните центри до 2022-2023 година е планирано целосно да го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Да даваат придонес за учениците со нетипичен развој, за родители, наставници и разен кадар, изработка на прилагодени наставни материјали, разни обуки и вештини… Овој процес значи, кога тие ќе престанат да запишуваат ученици во 2022-2023 година, без разлика на попреченоста, сите деца да се вклучат во редовните училишта.
Меѓувреме, од септември треба да ја вршат услугата и за образовна асистенција, по претходни обуки во соработка со УНИЦЕФ.
„Во април ќе почнат обуки за кадарот од Ресурсните центри, за потоа да обучуваме образовни и лични асистенти. Значи, она што се вика ‘train of trainers’“, објаснува директорката на „Златан Сремец“.
Профилот на образовни асистенти, објаснува Делетиќ, ќе биде по принципот на западно-европските земји – „teaching assistant“. Образовен асистент за директна поддршка на наставникот, а личен асистент за ученикот. Услугата не е „еден на еден“. Сега ќе може поддршка до три нетипични ученици во исто одделение. Со тоа, училиштата ќе мора да работат на целосно осмислување на идните паралелки.
„Големата слика е што повеќе деца и наставници да добијат поддршка. Наставникот е носител на инклузијата. Од наставникот зависи климата во училиштето, нивото на адаптација на нагледните средства, како ќе ја реализира програмата и содржините. Треба детето комплетно да се вклопи во училишниот живот. Не само на часот, туку и на одморот, воннаставните актвности, екскурзии и патронати“, посочува Делетиќ.
Притоа, вели таа, наставниците да ја тргнат скепсата за процесот, да инвестираат во себе и во своето знаење. Пример, во тек на 180 наставни денови, да најдат начин како ќе поминат време и се ангажираат за дете со аутизам.
„Затоа, нашата поддршка ќе биде насочена кон наставниот кадар, инклузивните тимови и, многу важно – кон директорите, бидејќи тие го диктираат темпото на инклузија. Одлучуваат на ниво на локална самоуправа, секторите и буџетот што се планира. Дали ќе обезбедaт буџет за разумно прилагодување, за инфраструктура, за отстранување на архитектонски бариери…“, вели Делетиќ.
„Инклузијата треба да се прави според потребите на општеството“
Според Елеонора Наумоска, специјален едукатор и рехабилитатор што изминативе години работи како образовен асистент, инклузијата има и добри, и лоши страни. Смета дека инклузијата кај нас се репрезентира погрешно, односно, вели таа, некако се „избелуваат“ некои проблеми или едноставно не ги согледуваме.
„Првично ние немаме инфрастуктура. За нешто да реализираш, треба да имаш простор за да го реализираш. Следниот проблем би бил кадарот. Инклузија претставува и еднаквост за сите. Имаме деца со различен вид на оштетувања. И за секој вид треба и стручно лице. Обучени стручни лица“, потенцира Наумоска.
Во училиштата, вели таа, исто така треба да се вработуваат повеќе специјални едукатори и рехабилитатори. Ако се повеќе, тогаш може да ја распоредат работата и да го следат развојот на детето. Па и другите деца да ги следат во училиштето.
„Ако заприметат дека некое детенце има графомоторни проблеми или друг вид на моторни проблеми, тоа да го опсервираат и рехабилитираат. Асистент му помага на наставникот и на детето при наставата. Тоа е цел тим. И секој си има засебна и важна функција. Не е тоа некоја хиерархија, туку е тимска работа. Другиот проблем е што наставниците не знаат. Не се ни тие криви, одејќи од разни фактори, но некој наставници се’ уште не веруваат во некои попречености и тоа малку кочи. И за да ги убедиме во нештата дека не се така како што замислиле, ќе ни треба малку време. И за непотизмот исто“, вели Наумоска.
Таа апсолутно не е против инклузија, но според неа инклузијата се прави на штета на децата. Вакви работи менуваат цела судбина на децата и кога се работи со дете, па треба да се мисли на целина, на единка. Кога се реализира нешто, вели Наумоска, треба да се реализира според потребите на општеството.
„Не е поентата инклузија, а реновираме само две училишта во цела Македонија. Не е поентата вработувања, ако оние кои работат со децата не си ја сакаат работата. Некако во се’ трпат децата. Тоа е стварно општествена и државна грешка. Кога нешто правиш за деца, треба стварно да го правиш според потребите на децата, а не само да се каже дека нешто се направило, и одбиваш да се консултираш со лица кои се во таа област“, забележува Наумоска.
До каде е Регистарот за децата со аутизам?
Повеќе здруженија и активисти со години бараат Регистар за лицата со нетипичен развој, посебно за децата со аутизам, за да може да се собираат потребните податоци и планираат сите образовни или социјални политики.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) тврди дека Центрите за социјална работа имаат целосна евиденција за сите лица со попреченот вклучувајки ги и лицата со аутизам. Евиденцијата, велат тие, се води во книга за лицата со пречки во телесниот или менталниот развој, a се води и електронска евиденција, т.е. електронски систем (ЛИРИКУС) во надлежност на центрите за социјална работа и ЈУ Завод за социјали дејности Скопје.
„Во согласност со тоа, МТСП ги креира политиките за отварање на нови алтернативни форми на поддршка како згрижување, третман, окупациона работа на лицата со аутизам и нивните семејства, како дополнителна поддршка на инклузивното образование“, се вели во одговорот на МТСП.
Сепак, во насока на менување на досегашниот начин на „категоризација“, согласно препораките на Комитетот на ОН и Светската здравствена организација, МТСП дополнува дека заедно со други релевантни институции интензивно работат на реформа за воведување на нов модел на проценка за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец.
Овој модел, е базиран на Меѓународната класификација на функционирањето (МКФ) и сметаат ќе обезбеди квалитетна функционална проценка на децата со нетипичен развој. Ова значи, досега се собираа информации од нетипичните лица што добиваа некаков додаток, а отсега за Регистарот ќе се вклучуваат и податоци од новата служба за проценка.
Бојан Шашевски