Протекоа онлајн телефонски броеви и лични податоци на 533 милиони корисници на Фејсбук

Лични податоци на повеќе од половина милијарда корисници на Фејсбук се појавија на интернет викендов, објави Блумберг, а пренесува Б92.

Информациите што протекоа вклучуваат телефонски број, идентификација на Фејсбук, целосно име, локација, претходни локации, датум на раѓање, е-пошта, приватен статус и биографија.

Чувствителните лични податоци на над половина милијарда корисници на Фејсбук беа објавени на хакерски форум, што претставува потенцијален ризик за милиони трговци со криптовалути и луѓе кои сега можат да бидат ранливи на разни напади преку интернет, тврди Алон Гал, технички директор на фирмата за безбедност „Хадсон Рок“, кој оваа информација ја објави на Твитер.

Тој тврди дека протекувањето на податоците е поврзано со безбедносна грешка која за прв пат била откриена во 2019 година, а во јануари 2021 година било утврдено дека хакерите исто така можеле да ги користат информациите за пристап до телефонските броеви на корисникот.

Според Гал, информациите сега можат да бидат корисни за хакерите за разни видови измами, но и да служат за маркетинг цели.